Имам нешто да те прашам

Панчо (ДНК): Мислев дека Новата година е најубавиот ден во целата година!

Еден од членовите на групата ДНК, кој најдобро знае да ја загрее и подигне атмосферата во ноќните клубови ширум земјата и без проблем успева да не расположи и разигра во РНБ стил… веќе погодувате Панчо, кој е омилениот ДЈ во штипскиот рај (Angels caffe). Најново нешто е соработката со Марко Џуровски за темата “Не сум луд” на српски јазик во кои како гости се појавуваат и со свој македонски текст.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува Нова година?

Панчо – ДНК: Како што минуваат годините и како ние старееме, мечтаењето и фантазирањето кон Дедо Мраз и Новата година се помалку фаќа место во моите фантазии. Како дете сум се радувал и сум мислел дека стварно Дедо Мраз постои, исто така сум ја исчекувал Новата година како најубавиот ден во целата година. Вечер исполнета со исчекувања, желби, поклони – многу руска салата, сарми, кифлички и благи работи 🙂 Сега искрено ми е ден за одмор, но и тоа тешко, бидејќи 90 посто Новите години ги поминуваме работно.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Панчо – ДНК: Немам време за тоа. А подароци купувам преку целата година, не чекам еден ден од годината за да ги направам среќни моите најблиски.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Панчо – ДНК: Ништо посебно не ми е Новата година, веќе ви одговорив. Го доживувам како секој нормален ден. Впрочем со самата моја работа мене секој викенд ми е Нова година, така да искрено Нова година ми е ден за деца кој немаат излез преку цела година па токму за тој ден можат да седат до доцна навечер, а јас одамна не сум дете, нели?

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Панчо – ДНК: Работно во Прилеп на плоштад, па ако завршиме порано, дома со мојот син.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Панчо – ДНК: Треба да звучам нескромно, ама ќе кажам нашиот unpluged концерт кој се случи во Универзалната сала, а од песни: ДНК – “Авион”, Лозано – “Нема ден, нема ноќ” и “Одмазда” од Тонио Сан.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што ви сакал да ви се остварат како група во текот на идната Нова година, нешто што досега не ви се случило?

Панчо – ДНК: Па искрено имаме веќе зацртана агенда околу плановите на ДНК, а тоа е изданието на нашиот нов албум кој се планира да излезе кон крајот на април. И нормално, да ми се живи и здрави сите мои блиски луѓе.

Музика24: Што би им посакал во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите верни фанови и обожаватели?

Панчо – ДНК: Па пред се да се живи и здрави, да веруваат во самите себе и да ги следат своите соништа, бидејќи се способни да ги реализираат . Да се добри и позитивни луѓе и да шират позитивна енергија, да се благодарни со тоа што го имаат и да помагаат на сите околу нив – онолку колку што можат. Тоа им инвестиција за убав исполнет живот со љубов и благослов… Живели!!!

Интервјуто го подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: