Имам нешто да те прашам

Симона Поповска: Оваа година најубав поклон за мене беше мојот син (Фото+Видео)

Таа е една од најдобрите женски вокали на нашата сцена, можеби најзгодниот доктор дерматолог, а приватно и мајка… По една година пауза повторно актуелна, со нови синглови. После синглот на англиски јазик “Feel so good”, Симона ни спреми уште едно музичко изненадување по повод Нова Година и Новогодишните празници. Во тој празничен дух е и ова интервју на кое Симона ни одговара на неколку прашања…

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Симона Поповска: И покрај сите случувања за мене сепак беше година за паметење, бидејќи станав мајка.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше понудено годинава?

Симона Поповска: За жал, стварно беше година која не беше ни плодна за музичката продукција. Со оглед на тоа нема ни голем избор, но еве би можела да ја издвојам Adele – “Easy on me”.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на различен начин. Лично како ти посакауваш да ја дочекаш новата 2022 година?

Симона Поповска: Во домашна атмосфера со семејството и пријателите, добра храна и музика. Што повеќе од тоа.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено?

Симона Поповска: Кога зборуваме за најинтересен подарок никогаш не гледам матријално колку вреди. За мене најинтересен подарок е подарокот кој е подарен на посебен начин и од срце. За тоа е задолжен мојот сопруг кој секогаш знае на духовит начин и посебен да ми подари поклон. Но оваа година најубав поклон за мене беше мојот син.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку може и умее истата да те понесе?

Симона Поповска: Оваа е дел од годината кој највеќе ме исполнува. Празничаната еуфорија во мојот дом секоја година започнува од први декември, тогаш ја украсуваме новогодишната елка и преку цел ден се слушаат божиќни песни.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Симона Поповска: Моите желби се да се избориме со пандемијата да се врати комплетно животот во нормала и да останеме сите во добро здравје.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатила до твоите фанови, а воедно и читатели на музичкиот портал Музика24?

Симона Поповска: Би им порачала да извлечат поука од се што им се случило во старата година, да направат планови за реализација во Новата година, бидејќи е нов почеток и испишување на нови страници.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: