Имам нешто да те прашам

Слободанка Илиевска: Ја сакам новогодишната атмосфера, со многу љубов, топлина и хармонија (Фото)

Таа е еден од најпрепознатливите гласови во македонскиот радио и тв етер. Амбициозна жена, сопруга, посветена мајка… со еден збор одличен професионалец на работното место, а дома… одлична домаќинка која си го сака семејството и ужива во секој миг поминати заедно со сопругот и малиот син Марко.

Ја паметиме по одличните утрински програми на тетовското радио Канал Плус Форте, како и скопското Фортуна радио. Одличните музичко-забавни емисии, како и “Моја свадба”… се само дел од нејзината тв кариера. Утринската на ТВ24 беше она во кое што навистина уживаше, за денес да ја гледаме на националната тв Алфа како водител, уредник на дел од емисиите и презентер на вести.

Почитувани, во 30-то интервју од новогодишниот серијал на новогодишни интервјуа ви ја претставуваме Слободанка Илиевска, препознатлива по познатите радио и тв проекти, секогаш позитивна, весела, насмеана и расположена, како што велат повозрасните, да посакате да бидете во нејзино опкружување.

Музика24: По што Слободанка ќе ја памети 2021 година, освен по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш годината што изминува?

Слободанка Илиевска: Годинава што изминува за мене лично беше многу тешка, со оглед на тоа дека се боревме со болеста на мојата мајка, но за жал, не издвоивме битка. 2021 година почина мојата мајка која секогаш беше тука за мене и моето семејство, столб во мојот живот, секогаш најдобар критичар, советник и низ животот, но и низ мојата професија. Болката е голема, но животот продолжува понатаму… а таа е секогаш со мене, во моето срце и душа. Ја поминав и Ковид состојбата во моето семејство која морам да признаам не беше лесна, но сепак фала му на Бога помина. Лошиот период нека остане во минатото. Јас сум жена која како мајка и домаќинка не излегувам често. Мојата практика е дома, семејство, обврски, ручек… и се она што ја чека една домаќинка во домот. Секако се наоѓа време и за кафе со пријателите, но времето не дозволува тоа да се случува често. Така да карантинот, полициските часови… мене ништо не ми менуваа во секојдневниот живот и функционирање.

Музика24: Заради околностите оваа година (Ковид-19 пандемија) не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено на македонската музичка сцена во текот на 2021 година?

Слободанка Илиевска: Да бидам искрена, кога е во прашање музиката јас уживам во неа и сакам да ја слушам во секој слободен миг, посебно на работа додека се подготвувам да се појавам пред камера, додека пијам кафе дома… едноставно уживам во тоа. Што се однесува за во Македонија, одсекогаш сум ги почитувала нашите изведувачи, но во оваа прилика морам да го издвојам Влатко Лозановски. Сакам да ги слушам неговите песни, и ми се допаѓа начинот на кој ги изведува.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на свој различен и оргинален начин. Како посакуваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Слободанка Илиевска: Јас и кога сум била млада и слободна девојка, дочекот на Новата година никогаш не ми претставувало еуфорија за преминот од една во друга година. Секогаш сум сакала најмногу да сум со најблиските, и со оние со кои се чувствувам најубаво, моето семејство и пријателите. А што се однесува до подготвовките, никогаш не сум имала некои големи подготовки околу дочекот на Новата година. Може прекрасно и незаборавно да се дочека новата и во пижами пред телевизорот, со добро вино, и убава музика. Инаку, Новата 2022 година ќе ја дочекам со моето семејство, пред тв и со убаво подготвена празнична вечера, со оглед на тоа дека ја сакам кујната и често сум таму хахаха (се смее).

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено некому?

Слободанка Илиевска: Јас многу повеќе се радувам кога подарувам, а секако, убаво е да добеш подарок на кој ќе се воодушевиш. Без разлика на тоа каков е и што е, за мене е многу повежно како и на кој начин се подарува. Имало многу подарувања и подароци, но најдраг ми е тој на моето дете кога ќе даде се од себе со убава рачно изработена новогодишна честитка да ми ја честита Новата година, тогаш се топам од радост и среќа.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ти лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку умее и може истата да те понесе?

Слободанка Илиевска: Да, јас секогаш го украсувам мојот дом. Во убава новогодишна атмосфера и со многу љубов, ја сакам таа топлина и хармонија. Кафе или вино покрај елката, добар филм или книга.

Музика24: Која е твојата новогодишната порака која би ја упатила до твоите фанови, гледачи, како и до читателите на музичкиот портал Музика24?

Слободанка Илиевска: Во Новата 2022 година посакувам оваа наша мила татковина Македонија да застане на цврсти нозе, со многу помалку проблеми за сите, да функционираме нормално во сите сфери на општеството за иднината на нашите дечиња да биде посветла и да не заминуваат од тука. И секако, како сите така и јас, посакувам многу, многу здравје и повеќе насмеани лица. За моето семејство да ми се сите живи и здрави. А кога го споменувам и семејството, тука се и моите драги колеги од Алфа телевизија кои ги чувствувам како свое семејство. Такви колеги секој би посакал да има. Што посакувам за себе тоа и за нив. Јас не знам дали имам фанови, многу сум скромна во тој поглед, но благодарам за прашањето. Да сте ми живи и здрави, среќни и весели. А на уредникот и читателите на музичкиот портал Музика24 им посакувам многу здравје и успех на секое поле. Секое добро ви посакувам. Среќни празници!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....