Имам нешто да те прашам

Стефан Здравковиќ – Принц: „Зајди, зајди“ е дел од мојата душа (Фото+Видео)

Тој е млад, симпатичен и речиси нема некој а да не помисли дека не излегол од дизниевите бајки. Потекнува од Врање, а живее во Белград. Заљубен е до уши во својата девојка, а за себе вели дека е дете кое што сака да фантазира. Препознатлив е по убавата и негувана долга коса, а освен српската музика омилена му е и македонската „Зајди, зајди“.

Почитувани читатели, со задоволство Ви го претставуваме Стефан Здравковиќ или попознат како Принц од Врање. Што тој кажа за музичкиот портал Музика24, прочитајте во продолжение.

Музика24: Малкумина знаат дека твоето вистинско име е Стефан Здравковиќ, зошто сите те нарекуваат Принц од Врање? Дали е тоа можеби поради твојот изглед, бидејќи потсетуваш на Принцот од Персија или пак е нешто друго во прашање?

Стефан Здравковиќ-Принц: Прекарот Принц од Врање потекнува од 2015-2016 година која на еден мој настап мој близок другар ме нарече како Принц од дизниевите бајки, знаете споредбата со Убавицата и Ѕверот. Јас тогаш се уште настапував со бенд и без да размислувам за мојата соло кариера на Инстаграм го отворив својот профил со токму тоа име, Принц од Врање. Споредбата со Принцот од Персија настана подоцна (се смее).

Музика24: Колку време го градиш својот имиџ, долгата коса и визуелниот изглед што го имаш?

Стефан Здравковиќ-Принц: Јас долга коса имам речиси четири години. Тоа не е нешто што јас го планирав, ја пуштив косата да расте и во еден момент добив покана за кастинг за Исус Христос супер стар мјузикл, и ја добив улогата да го играм Исус. И од тој момент се некако одеше натаму да не ја кратам косата, туку едноставно да се појавувам онаков каков што сум, со долга коса. И се надевам и верувам дека до крајот на мојата музичка кариера не ќе имам потреба да ја скратам. Тебе во секој случај ти е полесно (се смее).

Музика24: Кој е всушност Стефан Здравковиќ?

Стефан Здравковиќ-Принц: Стефан е всушност едно дете кое фантазира, и да тропнам во дрво, повеќето од работите кои што ги фантазирам и сонувам пополека ми се остваруваат. Но во суштина една многу енергична душа која што сака музика, сака да пее и сцената за мене е живот.

Музика24: Од кога започна да се занимаваш со музика?

Стефан Здравковиќ-Принц: Со музика започнав да се занимавам од 2009-та година. Таа година го имав својот прв бенд и одтогаш почнав да свирам на гитара, да пејам, да тропам на бубаљ и од се по нешто… А со соло кариера започнав дури во 2020-та година.

Музика24: Македонската публика прв пат те запознава на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија во Србија. Чија беше идејата за твојот настап, и кој всушност стои зад целиот тој проект ти да настапиш на „Беовизија“?

Стефан Здравковиќ-Принц: Тимот со кој што ја подготвувавме таа песна е всушност истиот тим со кој што соработувам и ден денес. Душан Бачиќ како композитор, музика и текст додека Дејан Николиќ аранжер на песната. Кореографијата ја работевме во Заграб така да имавме една да речеме една интернационална варијанта и константно бевме на релација Белград-Заграб. Подготовките траеа околу 6 месеци додека самиот фестивал не се случи. На крајот, му Благодарам на Бога што сето тоа се исплатеше.

Музика24: Што се промени во твојот живот и опкружување веднаш по настапот на „Беовизија“?

Стефан Здравковиќ-Принц: После настапот на „Беовизија“ се отворија многу врати. Во суштина, добив можност и простор на нашата естрада што е навистина голема работа. Да чукнам во дрво, народот ме забележа и прифати што посебно ме радува и ми се допаѓа, а на мене ми преостанува да работам и да се одолжам за дадената доверба. Ова за мене претставува прв настап во Македонија откога започна приказната за Принц од Врање и се надевам дека нема да биде последен и дека соработката и понатаму ќе продолжи и дека ќе трае. Бидејќи сум од Врање, а тоа е на некој начин и Македонија, така да се надевам дека ќе има прилика често да се дружиме.

Музика24: Знаеме дека сакаш тетоважи и дека на твоето тело имаш неколку. Колку вкупно тетоважи имаш и каде се се имаш тетовирано?

Стефан Здравковиќ-Принц: Уф, навистина незнам. Да не те лажам, но се мислам дека се околу 7-8 тетоважи вкупно што ги имам. И не се онаму каде можеби некој би сакал да бидат. Кога започнав да се тетовирам идејата ми беше да не се гледат кога ќе можам да облечам кошула или нешто слично… Да бидам Клар Кент е супер (се смее).

Музика24: Долго време имаш тренирано карате. Дали можеш да ни кажеш колку време, каде, со кого…?

Стефан Здравковиќ-Принц: Каратето е спортот што е со мене од мојата 7-ма година, но сега и реално немам време со тоа да се занимавам и да бидам редовен на тренинзите. Тоа е нешто со кое што пораснав и беше дел од мојот живот навистина долго време. Бев првак во Србија, втор на Балканот, имам црн појас… навистина долго време се бавев со сето тоа, тоа е дел од мојот идентитет, но реално невозможно е да се постигне физички и едното и другото, музиката и каратето, во онаа мера во која што јас би сакал.

Музика24: Дали досега во животот си имал потреба да го употребиш во секојдневниот живот, за самоодбрана или слично?

Стефан Здравковиќ-Принц: Пробај, па ќе видиме (се смее).

Музика24: Дали си запознаен со македонската музичка сцена и кои се популарни музички имиња се во моменов во Македонија?

Стефан Здравковиќ-Принц: Можеби во моментов ќе заборавам некои луѓе, но и тоа како ја познавам вашата македонска сцена. Со некои од нив дури имам и соработувано, а и сум добар пријател. Во Белград настапувам во едно кабаре каде што заедно ја делиме сцената со Даниел Кајмаковски, со Елена Ристеска исто имам соработувано во рамки на групата Регина, Тоше Проески е мојот најголем музички идол за кого ми е навистина многу жал за се она што се има случено. Добар дел на музиката од Врање, југот на Србија па и Македонија… тоа се за мене во суштина е иста музика. Душа, мерак, емоција… тоа е тоа што ме влече и ми се допаѓа во сето тоа.

Музика24: А која е твојата омилена македонска песна?

Стефан Здравковиќ-Принц: „Зајди, зајди“, затоа што мојот татко тоа го пееше кога јас бев дете. Тоа ми е нешто што е дел од мојата душа.

Музика24: Знаеме дека си заљубен во својата девојка, кажи ни колку време си со неа и дали може наскоро да очекуваме нешто повеќе од она што сте денес, запросување на пример?

Стефан Здравковиќ-Принц: Со девојката сум година ипол. Заедно живееме и засега ни е супер. Одиме по некое наше темпо, не се врзуваме за некои работи како и што мора оставаме се да се случува и одвива спонтано.

Музика24: Според тебе, што е пресудно и што му е на еден човек потребно за да биде среќен?

Стефан Здравковиќ-Принц: На крајот на денот да има чиста совест, да живее во склад со некои свои правила и начела и да остане достоен на себе.

Музика24: А дали Стефан е среќен?

Стефан Здравковиќ-Принц: За моите стандарди, Да среќен сум и уморен сум прилично (се смее).

Музика24: Сакаш да пееш поп-рок песни, дали си размислувал можеби некогаш да снимиш дуетска песна со некое познато музичко име од фолк сцената од Србија или пак од Македонија, познат фолкер?

Стефан Здравковиќ-Принц: Не би бегал од тоа. Ако е некој што го сметам за квалитетен глас и ми одговара, зошто да не.

Музика24: Неодамна излезе твојата најнова песна „Мирно“, дует со Гоца Тржан. Која е екипата која ја реализираше песната, видеоспотот и како си задоволен од соработката со Гоца?

Стефан Здравковиќ-Принц: Во суштина истиот тим ја работеше и оваа песна. Душан Бачиќ и Дејан Николиќ се момците со кои соработувам и тие работеа на песната „Мирно“. Тие соработуваа со Гоца Тржан за нејзините две последни песни, така да тоа беше некој логичен чекор во целата оваа приказна. А видеоспотот е работен во продукција на филмското студио „Авала“. Се беше крајно професионално, интересна приказна, без било какви проблеми, Гоца е навистина супер феноменален лик и професионална и приземна личност. Би сакал да соработува со сите како што во оваа прилика соработуваше со мене.

Настапот на Стефан Здравковиќ-Принц и Гоца Тржан на овогодинешното јубилејно издание на „Охрид фест“

Музика24: Дали имаше можност и прилика да го прошеташ нашиот најубав туристички центар – Охрид?

Стефан Здравковиќ-Принц: Ова и не ми е прв пат да дојдам во Охрид. Тоа е еден од моите омилени градови. Пред неколку години ја дочекав Новата година во Охрид, така да познат ми е градот. И се надевам нема да ми биде последен пат како доаѓам тука.

Музика24: Што е она што го подготвуваш во идниот период и може да го очекуваме од тебе?

Стефан Здравковиќ-Принц: После „Охрид фест“, следен чекор ми е дует со групата „Регина“, тие подготвуваат концерт во Арената во Белград каде јас ќе им бидам гостин. И понатаму продолжувам со моите концерти кои се одржуваат во Србија. Паралелно работиме на нова песна, се подготвувам за Словачка, за Виена… Скоро формирав бенд со што главна цел ми е што повеќе да се презентираме во живо на луѓето во регионот. Се надевам дека ќе имам прилика да настапам и одржам концерт тука во Македонија. Доаѓајќи наваму, поминавме во Скопје каде ја видов спортската арена „Борис Трајковски“ каде си посакав еден ден и јас да одржам концерт тука.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Музика24/Инстаграм

Видео: Музика24/YouTube-RTS

Можеби ќе ве интересира: