Имам нешто да те прашам

“Супермен” ќе патува на Евровизија? (Фото+Видео)

Го познаваат најмногу како Виктор од “Идол”, како професорот од музичко, како Роки од Тик-Ток, но се чини дека деновиве е најактуелен како Виктор “Супермен”, како што се вика неговата песна што е во трка за македонски кандидат за Евровизија. Музиката и аранжанот ги напиша Владимир Дојчиновски – Дојчин, а текстот е заедничко дело на пејачот и авторот. Песната беше промовирана во петокот вечерта, но веќе цел викенд сите зборуваат само за неа. Следејќи ги вкусовите на публиката, Музика24 направи интервју со Виктор Апостоловски во кое побаравме детали околу песната, но проговоривме и околу него лично…

Музика24: Од каде инспирацијата за овој стил и жанр на музика, како што е “Супермен”?

Виктор Апостоловски: Па, искрено идејата беше да се направи нешто модерно, побрзо, едноставно ама добро, да вози и морам да признаам дека Дојчин си го заврши тој дел одлично. Некако, ептен понесува ритамот, музиката, па потоа си доаѓа се’ останато. Мислам дека се чувствува колку се поврзав со песната и колку е отпеана со уживање и љубов.

Музика24: Дали мислиш дека би можел еднакво добро да ја донесеш и на сцената во Торино? Што мислиш за пеењето во живо?

Виктор Апостоловски: За мене, пеењето во живо е единствениот начин на пеење! Ништо друго не признавам! Особено денес, кога секој втор научил да се штима и да си го средува вокалот. Пеењето во живо носи друга енергија! Буквално те тера да излезеш од кожа и да ја доловиш песната. А кога се пее пред толкава публика и на таква сцена каква што е евровизиската, предизвикот, мотивот и желбата се уште поголеми.

Музика24: Што очекуваш од Евровизија ако нашата публика одлучи дека ти ќе бидеш овогодинешниот претставник на Македонија?

Виктор Апостоловски: Евровизија беше мој сон уште од дете. Со години ја следев и посакував да ја почуствувам енергијата на таа голема сцена! Живеам за тоа! Кога би бил одбран би ја изгазил онака машки! Суперменски!

Музика24: Текстот е напишан заеднички со Владимир Дојчиновски – Дојчин. Зошто баш Супермен?

Виктор Апостоловски: Мене лично, кога бев дете ми беше омилен суперхерој! Мајка ми ми направи црвен плашт кој го врзував на себе и мислев дека летам! Сите други облекуваа костуми за да станат суперхерои, само Супермен облекуваше костум за да стане човек т.е. да се вклопи меѓу нас… Што значи беше посебен, поинаков од другите… Исто како што ние сите станавме поинакви во ова зло време во кое живееме. Време во кое ти треба надчовечка сила за да бидеш обичен, за да бидеш оној од порано, време во кое е потребна многу сила да се бориш против сите неправди во приватниот и професионалниот живот. Да бидеш поинаков за да останеш свој. Исто како што оваа песна… е поинаква од другите.

Музика24: Што мислиш за останатите пет натпреварувачи и нивните песни?

Виктор Апостоловски: Останатите натпреварувачи се супер. Сите се одлични музичари и добри луѓе и многу ми е ќеф што имаме можност вака да се подружиме. Конкуренцијата создава квалитет и секогаш со задоволство влегувам “во рингот”. Песните ги претставивме на публиката, па нека победи најдобриот!

Музика24: Кога истата песна би ја пеел на евровизиската сцена, дали дел од истата би ја отпеал и на македонски јазик, за сепак, да се почувствува дека доаѓа од Македонија? Дали доколку бидеш одбран планираш специфична, оригинална кореографија?

Виктор Апостоловски: Македонска верзија ќе има, ама после Евровизијата и мислам дека ќе биде баш интересна. Во поглед на сценскиот настап, се уште не ни е целосно обмислен, но ако се случи да бидам одбран, ветувам дека истиот ќе ја следи песната. Значи во Торино би патувале со целосно обмислен музичко-сценски пакет што ќе биде биде комплетно освежување… Само прво да стигнеме до таму.

Музика24: Ќе се снима ли спот за “Супермен”?

Виктор Апостоловски: Спот ќе има секако, само поради правилата на МРТ, мораше првично да излезат лирикс видеа снимени од нивна страна, па подоцна зависно од исходот во петок, ќе се планира и видеото кое исто планираме да биде многу ведро и откачено.

Музика24: Виктор, остануваш запаметен како Македонецот со најдобар успех на “Идол”. Од тогаш поминаа 10 години. Дали на секои 10 години правиш големи нешта на поле на музиката?

Виктор Апостоловски: Сакам да верувам дека ќе е така. Поготово што, еве, мојот дедо ја тера 99-ката, па ако сум на него, ќе имам можност за уште многу големи нешта. За мене, а се надевам и за мојата Македонија.

За да гласате за Виктор Апостоловски, тој и токму тој да оди да ја претставува Македонија на Евровизија, гласате на следниот линк: Гласам за Евровизија 2022, и ролајќи со маусот најдолу го одбирате неговото име и презиме и на тој начин ја бирате песната која ви се допаѓа.

Интервјуто го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: