Имам нешто да те прашам

Татјана Лазаревска: Новата година е едноставно уживање за окото и душата (Фото)

Таа е една од нашите најпознати македонски фолк пејачки. Родена е на 12-ти фебруари 1975 година во Скопје. Својот талент и сето она што таа го поседува слободно може да кажеме дека е наслетство од родителите, бидејќи, нејзиниот татко бил член на АКУД „Мирче Ацев“, додека мајка и иако не се занимавала со музика, сепак имала и има одлични вокални способности. Таа како млада членувала во АКУД „Мирче Ацев“ и често патувала со играорната група. Но, при едно гостување во Белгија, во 1995-та година застанала пред микрофонот кога и се случил нејзиниот прв настап како изведувач. Одтогаш па наваму, Татјана Лазаревска е една од најбараните, најпознатите, најслушаните и најквалитетните фолк пејачки во Македонија.

Заедно со својот сопруг, познатиот фолк пејач Новица Василевски и двата сина Петар и Стефан, тие јануари 2015-та година ја напуштаат Македонија и заминуваат во Австралија, Мелбурн каде што и ден денес живеат.

Во оваа прилика и по повод нашиот серијал на новогодишни интервјуа, ја контактиравме нашата Татјана, а што таа одговори на поставените прашања, прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите оваа 2021 година?

Татјана Лазаревска: Па како и низ целиот свет, и кај нас короната и локдауните што ни се случија годинава ни го пореметија начинот на живеење, ама преживеавме фала му на Бога… дефинитивно годинава ќе ја паметиме по седење дома.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Татјана Лазаревска: Од нашата скромна македонска продукција, дефинитивно оваа година ја одбележи хитот на Сузана Гавазова – “Бум, Бум”.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате новата 2022 година?

Татјана Лазаревска: Со оглед дека оваа Нова година по 26-ти пат во мојата долга музичка кариера ќе ја дочекам работно, јас поинаку и незнам и не сакам да ја дочекам Новата 2022 година, освен работно и со песна… така ми е најубаво.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Татјана Лазаревска: Немам баш некој подарок да одберам како специјален… не е шаблон, но јас и Новица си подаруваме скромни подароци и без некој посебен повод.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Татјана Лазаревска: Јас ги сакам сите празници и се што оди со тоа, а посебно се восхитувам и радувам на Новата година и Божиќ, зошто се свети, сите се радосни, украсуваат елки, купуваат подароци… едноставно уживање за око и душа.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Татјана Лазаревска: Стандард… многу здравје, среќа и љубов на сите!

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите фанови и читателите на музичкиот портал Музика24?

Татјана Лазаревска: Слушајте, гледајте и уживајте во нашата македонска музика. Поздрав од Тања и Новица од Мелбурн, Австралија.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....