Имам нешто да те прашам

Татјана Лазаровска: Во Новата година сакам да дојдам во Македонија и да снимам нови песни (Фото+Видео)

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Татјана Лазаревска: Најголем белег на музичко поле е секако нашиот наста на „Охрид Фест”, и наградата од новинарите која посебно ни значи. И да не заборавам, снимањето на мојата најнова балада со многу моќната порака, песната „Жена хероина”.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Татјана Лазаревска: Па можеби е малку себично, ама според досегашните реакции на публиката, а и нашите колеги, песната што ја испеавме токму на „Охрид Фест”, хитот „Љубов ни е име” има сериозен потенцијал да стане Хит на годината.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Татјана Лазаревска: Ние секоја година во овој период од годината доживуваме музичка еуфорија поради многуте настапи, а подароците ги оставаме за некои други сосема спонтани моменти.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Татјана Лазаревска: Ние завршивме со новогодишните подароци во моментот кога нашите деца пораснаа, а јас и Новица секогаш си подаруваме љубов и внимание.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Татјана Лазаревска: Јас сум среќна со фактот дека имам прекрасно семејство, сите живи и здрави фала му на Бога, а и доволен број на пријатели за кои се грижам секогаш да бидат добро расположени несебично делејќи ја мојата позитивна енергија и добра музика.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Татјана Лазаревска: На ова прашање некој конкретен одговор немам, само ќе речам: „Секое лошо за добро е”.

Музика24: Која песна, или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Татјана Лазаревска: Денот како и многумина, го започнувам со социјалните мрежи, за жал 😂, а песна која што си ја потпевнувам е “Наздрави за љубов, наздрави за среќа”.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Татјана Лазаревска: Многу сакам да верувам во Дедо Мраз зошто сите деца го сакаат, но сепак верувам во Бога и секојдневно го молам да ни даде здравје, памет и мир во светот.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Татјана Лазаревска: Од Новата 2024-та година очекувам само убави работи и приватно и професионално… на пример повторно да дојдам во Македонија да си ги видам најмилите и да снимам нови песни.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Татјана Лазаревска: Новата 2024-та ќе ја дочекаме работно мојот сопруг и јас во Wollongong близу Сиднеј.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Татјана Лазаревска: Здравје, среќа, љубов и мир.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Татјана Лазаревска: Периодт кога го славиме раѓањето на една Нова година, дава нова надеж дека убавите работи од минатата година ќе траат, а лошите нешта нема да се повторат. Од се срце Ви посакувам секој ден од Новата година да ви биде исполнет со убави работи, здравје, љубов, радост и мир. Среќна Нова 2024 Година и Честит Божиќ.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: