Имам нешто да те прашам

Теона Јовановска: За нешто да се оствари искрено треба да се посака (Фото+Видео)

Таа е средно училиште, и е премногу амбициозна и талантирана. Оваа година за прв пат се појави на сцената на „Макфест“ и го задржа вниманието кај публиката со интересната композиција „Јас без тебе“. Вели дека не верува во Дедо Мраз, а за себе и најблиските посакува позитивни мисли, здравје и многу насмевки. Не би менувала ништо во животот, а денот го започнува и завршува само со музика.

Почитувани читатели, денес во серијалот новогодишни интервјуа, младата и надежна Теона Јовановска.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Теона Јовановска: Секако, белег за оваа година е настапот на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“. Како дебитант на сцената со многу рефлектори и сите очи вперени во мене. Исто така, белег за оваа година ќе ми остави и рециталот на виолина, кој се одржа во мај.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која  според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Теона Јовановска: Секоја песна е убава, нема неубава песна, а песна за хит на годината го одлучува најслушаната песна од публиката, слушателите. Јас не можам да издвојам ниту една.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Теона Јовановска: Новогодишната еуфорија ја доживувам на поинаков начин. Се подготвувам за новогодишниот концерт, бидејќи сум трета година средно училиште и секоја година имаме новогодишен концерт. Исто така, ќе имаме и предновогодишна забава со бенд, а за подароци, во меѓувреме ги купувам за моите најблиски, нешто убаво и симболично.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Теона Јовановска: Подароците ги одбирам според личноста и какво чувство и емоција имам кон таа личност.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Теона Јовановска: Јас им рефлектирам среќа… Многу ми е важно да се среќни и насмеани и многу се трудам, односно, им досадувам кога ќе ги видам тажни да им помогнам да се реши нивната мака.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Теона Јовановска: Се што ми се случило било како што треба. И лошото кога се случува, и од тоа извлекувам поука. Ништо не би менувала, само ми треба повеќе време за да можам да ги завршам сите мои обврски и активности.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно дали денот го започнувате со песна и музика?

Теона Јовановска: Денот ми започнува и ми завршува со музика. Може да се случи некој пат да пеам ноти, некој пат некоја одредена песна… секој пат е различно.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Теона Јовановска: Во Дедо Мраз не верувам од мала, откако една вечер ги видов моите родители како ставаат подароци под елката, а изутина ми кажаа дека дошол Дедо Мраз. Тогаш не им кажав дека ги видов. Пред неколку години им кажав за случката и секако многу се смеев. Инаку, посакувам многу здравје и насмевки за сите луѓе.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Теона Јовановска: Во Новата година сакам рецитал со сексетот, сакам повеќе настапи и се што ќе дојде само како изненадување. Треба искрено да се посака нешто за да се оствари тоа.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Теона Јовановска: Новата година ќе ја дочекам со моето друштво, во некој локал, но се уште не сме одлучиле ништо официјално.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Теона Јовановска: Мојата желба секоја година е иста. За мене многу здравје, позитивни мисли и насмевки. И за моите блиски истото го посакувам, да се здрави и насмеани.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Теона Јовановска: На сите читатели на Музика24 им посакувам година исполнета со многу успеси и остварување на своите соништа и желби, како што јас пополека но сигурно ги остварувам своите.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: