Имам нешто да те прашам

Вера Јанковиќ: Се почитувам себеси 365 дена и тоа дава резултати!

Таа е пејачка, долги години ве забавува по македонските кафулиња и дискотеки како DJ и заштитен знак и водителка веќе една деценија на македонскиот фестивал за забавна музика во Штип “Макфест”. Музичкиот портал Музика24 во оваа пред новогодишна еуфорија и атмосфера на Вера Јанковиќ и постави неколку новогодишни прашања. Прочитајте што вели таа за Новата година, прославувањето, дочекот…

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува дочекот на Нова година?

Вера Јанковиќ: Нова година како асоцијација на одбројување, последниот удар на актуелната, во исчекување на изненадувањата во следната… чиста математика!!! Искрено живеам со сонувањата на новите години кои го одбележаа моето детство и подоцнежниот период, мирисот на празниците, енергијата на градот во буквална смисла на зборот – за да стигнеш до таа состојба мора задолжително да поседуваш спокој, сигурност и добар УРБАН елемент. Цело е кога има се!!! Затоа овие нови години се половични… за жал… сепак, привидниот и лимитиран сјај малку од малку го напојува човечкиот механизам подготвувајќи го за новите моменти!

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Вера Јанковиќ: Не живеам само за неколку дена, мене практично секој ден ми е новогодишен – од било кој аспект! Хедонизам како задолжение. Купувам нешто кога веќе почувствувам потреба, јадам кога сум гладна, пијам кога сум жедна, спијам кога ќе ме совлада умор… СЕ ПОЧИТУВАМ СЕБЕСИ 365 дена… и тоа дава врвни резултати.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Вера Јанковиќ: За да може некој да се забавува на дотичната ноќ мора да назначи парти мејкер кој ќе го обезбеди горе наведеното! Затоа јас сите овие изминати 20 и кусур години, ударнички се соочувам со најлудата демек ноќ – едни заработуваат, други трошат – извонреден баланс, ред на нештата!!! Со ништо не би го менувала.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Вера Јанковиќ: Овој пат ќе сум во Прилеп – Кафе Бар Апореа RNR vs New Year.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та?

Вера Јанковиќ: Концертот на Leonard Koen во Истанбул, септември 2012 и најавата на турнеата на Depeche Mode во мај 2013-та, и двете се светли точки од мојот музички живот.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што ви сакала да ти се остварат во текот на идната нова година, нешто што досега не ти се случило?

Вера Јанковиќ: Очекувам мојата музика да победи во 2013-та, по секоја основа… зрела сум да нападнам од заседа. Кој може нека се спаси! Wild is the wind – David Bowie, BBC live, е дефинитивно звукот кој струи низ секој мој атом. Најслушаното парче на сите времиња… па и на ова што изминува… и на она што допрва доаѓа! WILD IS THE NEW YEAR… Предизвикувам!!! За исходот од оваа провокација – следната година, на истово место и во истово време. СРЕЌНО!

Музика24: Што би им посакала во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Вера Јанковиќ: Музиката го прави човекот – мој конечен одговор! Купете си идентитет. Посакувам весели празници со темата “Always look of the bright side of life” 🙂 Поздрав до сите мои фанови и обожаватели и благодарност до музичкиот портал Музика24.

Интервјуто го подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: