Имам нешто да те прашам

Весна Миленковска (Вест): Од Дедо Мраз сакам новогодишно пакетче

Таа е новинарка, наша колешка, но од друг медиум. И како и да ја најавиме не би можеле да дадеме подобра најава од тоа дека таа е можеби и една од малкуте музички новинарки кои секаде и секогаш известуваат професионално и реално. Весна Миленковска, музички новинар во дневното списание “Вест”, што таа вели, како размислува, како ќе ја прослави Новата година и во чие друштво… останува да прочитате во продолжение…

Музика24: Весна, како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби го очекуваш својот подарок од Дедо Мраз и дали го чувствуваш она новогодишното во себе… или сеедно ти што се наближува Новата година?

Весна: Доаѓањето на Нова година го сакам само заради повеселите лица кај луѓето. Не ме фаќа некоја посебна еуфорија, мислам дека ми е изживеана веќе. Но, подароци сакам да купувам и да добивам по било кој повод, па и без повод, не само за Нова година. Подарок од Дедо Мраз не чекам, зошто одамна знам за улогата на овој дедо! Ама може да добијам новогодишно пакетче. Би се израдувала (се смее).

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за дочекот на Новата година? Купуваш можеби многу храна, подарок за најблиските, за себе си…?

Весна: Не се подготвувам ништо посебно. Каде и да одам знам како ќе си поминам, се ми е веќе видено. Единствено што фантазирам и посакувам е да ја дочекам Новата година на плажа. А од континенталните доживувања сум пробала се – кафана, дискотека, плоштад, планина, снег, домашна атмосфера и ништо повеќе не може да ме изненади. Инаку книга купувам и во текот на годината, подароци исто купувам и без некој посебен повод, а и добивам…

Музика24: Што претставува за тебе целокупната пред новогодишна и новогодишна еуфорија? Што претставува воопшто пречекот и славењето на Новата година и како го доживуваш сето тоа, дали и тебе те фаќа она новогодишното?

Весна: За мене новогодишната еуфорија претставува ГЛУПОСТ, бидејќи се трошат ненормално многу пари за џабе, а потоа се плаче цел јануари. Повеќе еуфорија би ме фатила за нешто убаво да ми се случува мене или на мои блиски, отколку што доаѓа Нова година. И да сме еуфорични и да не сме таа ќе дојде. Така да трошењето пари и јадењето без мерка се само глупава навика. Како да не се веселиме во текот на годината, па сега мораме. Сум имала многу ноќи во 2012-та што личеле на дочекот на Новата година и затоа не потпаѓам многу под новогодишната еуфорија.

Музика24: Како и каде планира Весна да ја дочека Новата 2013-та?

Весна: Незнам, а и сеедно ми е кај ќе бидам. Важно ми е да бидам со луѓето што ми значат, отколку каде ќе бидеме. Дома во пижами со драг(и)а личност(и) би ми било најубаво! (се смее).

Музика24: Кој е според тебе музичкиот настан кој ја одбележи 2012-та и која песна според тебе е песна на годината?

Весна: И покрај тоа што е тапа естрадата, сепак, ќе одвојам нешто. Ми се допадна прославата за 20 години независност. Ми се допадна што беа ангажирани македонски пејачи, а не некој печалбар од странство, за кој се фрлаат многу пари кај нас, иако во нивните држави не ги слушаат многу. Ми се допадна враќањето на “Скопски фестивал”. Оваа година беше убаво со легенди и нови ѕвезди. Иако мислам дека ако догодина го направат со награди и само помлади пејачи ќе го изгуби сјајот што сега го имаше. Јас би забранила да се доделуваат награди на фестивали. Неколку искомплексирани, наречени жири комисија, ги фустрираат сите пејачи. Уште подобро би било и да ги нема фестивалите. Во време кога секој може да си снима песна и спот, фестивал со награди не му треба. Најголема награда е песната да се слуша, а не никој да не се сеќава на неа. Но, ова е тема за друго интервју, сепак, ова нека биде новогодишното… Хит??? Имаше повеќе. Не можам да ги набројувам.

Музика24: Како докажан и доста познат музички новинар помеѓу познатите, а речиси и пошироката јавност, кои се твоите планови за 2013-та, односно, што би сакала да ти се случи во Новата година, она што досега не ти се случило во животот?

Весна: Имам повеќе планови и желби! Како и сите… Не се големи, скромни се. Некои од нив се реално остварливи, а за некои треба малку повеќе да се потрудам. Но, најпрво од се сакам здравје, за себе, за моите најблиски и сите останати! Мислам дека ако го нема здравјето, сите други желби и планови се за џабе…

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно дружење, што би им посакала на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели, кои веруваме дека ги имаш иако си музички новинар?

Весна: На сите им посакувам здравје, тоа е најважно. Им посакувам мнооооогу љубов! Посакувам во 2013-та да научиме да се сакаме и почитуваме, оти мислам дека тоа на цела нација ни недостасува. На Вас ви посакувам повеќе читаност и лајкови 🙂 Мои фанови и обожаватели!? Браво… Ме изнасмеавте на крај (се смее). Тоа ќе го има кога ќе се оствари она што го кажав во погорната реченица… И, доста е. Да не ги замараме читателите… Уште еднаш СРЕЌНА И УСПЕШНА НОВА ГОДИНА…

Интервјуто го подготви: Александра Блажевска, 01.01.2013

Можеби ќе ве интересира: