Имам нешто да те прашам

Жарко Димоски: Еуфоријата на живеењето е таа што ме движи (Фото+Видео)

Тој е роден во Прилеп на 29-ти јули 1989 година. Многумина велат дека неговото време допрва доаѓа. Позитивен, мултиталентиран, шармантен, млад, енергичен и перспективен… се дел од неговите карактеристики и квалификации. Дел е од Театарот “Комедија”, одлично глуми, одлично пее, а и одлично се снаоѓа во улогата на водител во тв проектот “Џентлмен”.

За себе вели дека уметноста е дел од неговиот начин на живеење, често можеме да го видиме во теретана каде посветува време и внимание на себе си, а денот го завршува со читање книги и пеење на омилените стихови и рефрени.

Тој од неодамна ја има својата поубава половина со него, засекогаш… заедно живеат, функционираат, заедно се она едно кое што преставува се во неговиот живот и за кое што живее, работи и постои.

Почитувани наши читатели, денес во нашиот новогодишен серијал од интервјуата Ви го претставуваме актерот Жарко Димоски. Што тој одговори на нашите веќе поставени прашања… прочитајте во продолжение.

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ти лично ќе ја паметиш оваа 2021 година?

Жарко Димоски: 2021 година за мене беше една од најплодните години досега. Ми се случија многу работи, остварив значајни соработки и се надевам дека во 2022 ќе продолжам со истото темпо.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од се она што беше понудено година?

Жарко Димоски: Реално песните на Тарабнов, Камиловски, Полина, Калина… воопшто Макфестовските овогодинешни хитови ми оставиа впечаток. Би рекол дека имавме доста плодна година на тоа поле и се разбира и мојата овогодинешна песна “Танцувај со мене” во композиција на Димитар Андоновски.

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секој го прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?

Жарко Димоски: Па како што ми е замислено така ќе ја дочекам, работно, во единственото кабаре кај нас во Македонија, “Gold Felicia” во Битола.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или можеби подарено?

Жарко Димоски: Одсекогаш најинтересни подароци ми биле патувањата и секогаш со сопругата си подаруваме по некоја нова дестинација за старт на Новата година.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку може и умее истата да те понесе?

Жарко Димоски: Во принцип еуфоријата на живеењето е таа што ме движи и се разбира околу Новата година таа еуфорија е на повисоко ниво.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за новото Господово 2022 лето?

Жарко Димоски: Како што кажав и погоре, темпото што си го зададов не сакам да се намали ни малку, силата што ја добивам за да ги правам луѓето посреќни би сакал да продолжам да ја црпам од изворот и тоа ми е генералното мото.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови, и читателите на музичкиот портал Музика24?

Жарко Димоски: Тајната е во умереноста, бидете умерени во се.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: