Културо

Проектот “Европски современи композитори” ќе ја промовира европската култура

Програмата со наслов “Културни приказни” на Делегацијата на Европската Унија и ЕУ Инфо-центарот им служи на амбасадите на земјите-членки на ЕУ како еден вид на дополнителна платформа за претставување на европската уметност, европските вредностите и наследството пред локалната публика. Културното наследство на Европа е еден богат и разнолик мозаик од културни и креативни изрази, богатство од претходните генерации Европејци и оставнина за тие што доаѓаат. Оттука, слично на претходните активности организирани во рамките на програмата “Културни приказни”, беше развиен нов концепт со наслов “Европски современи композитори”.

Проектот се спроведува во тесна соработка со амбасадите на земјите членки на ЕУ во земјава, Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, ансамблот “ConTempora” и Бранка Костиќ-Марковиќ, истакнат музиколог и член на СОКОМ, во улога на партнер и координатор на проектот.

Главната цел на “Европски современи композитори” е да се промовира европската култура, но и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните културни дејци, подигајќи културни и креативни индустрии и нудејќи нови деловни модели. Во оваа низа настани ќе бидат претставени водечките современи европски композитори преку концерти со нивни дела, мастер-часови за студенти, дискусии со домашните композитори и професионалци, како и предавања наменети за пошироката публика, со цел да се промовира современата уметничка музика и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните музичари и културните работници.

Првото издание од серијата настани е насловенo “Е-кустика” (“Е” како Европа и европски, но и како електро-ника), што заедно со терминот акустика ја дефинираат електроакустичната природа на репертоарот на првиот концерт). Во него ќе земат учество двајца гости-композитори од две земји-членки на Европската унија – Борис Беземер од Холандија и Гирилал Баарс од Шведска, како и домашната композиторка Ана Пандевска.

Покрај концертот закажан за 20 октомври, предвидени се и две придружни активности. Првата е работилницата со студентитете по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје (на 19 октомври во 17 часот) каде двајцата гости-композитори Борис Беземер и Гирилал Баарс ќе се обидат да го презентираат нивното творештво, но и да го пренесат своето искуство со современите музички текови, новите композиторските пракси и специфичните техники на изведба на современата музика.

Вториот настан (ќе се одржи на 20 октомври во 12 часот во ЕУ Инфо Центарот во Скопје) е популарно предавање на тројцата композитори Ана Пандевска, Борис Беземер и Гирилал Баарс, на тема: “Како да се живее од сопствената креативна работа – ЕУ искуства во служба на малите земји”.

Ансамблот за современа музика “ConTempora“ е формиран во 2014 година од страна на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, со цел да изведува и промовира нови дела од македонски автори. Идејата за создавањето на ансамблот се наметна како резултат на неодминливата потреба за пополнување на празнината во македонската современа музичка култура и да се направи простор за формирање на камерен состав кој ќе делува исклучиво на полето на современата музика, премиерно изведувајќи дела на македонски композитори, но и на автори од различни делови на светот. Ансамблот е составен од дваесет инструменталисти, секој од нив со значително искуство во изведбата на современата музика. Во зависност од репертоарот тие делуваат во различни инструментални формации.

Премиерниот концерт на “ConTempora” беше одржан во септември 2014. година во рамките на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и “сонграјтери” (ECSA) во Скопје. Во изминатата година, ансамблот оствари турнеи во Холандија и Белгија и неколку концерти низ Македонија. Само во овој временски период, “ConTempora” реализираше повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Италија, Индонезија и други. На својот досегашен репертоар премиерно претстави речиси триесетина дела од автори од Македонија, САД, Италија, Индонезија, Велика Британија, но изведе и повеќе композиции од музичката литература на 20. век.

Борис Беземер е современ холандски композитор чии дела балансираат помеѓу структурата и случајноста, пресметливоста и непланираноста, замислата и импроцизацијата. Своите основни идеи Беземер ги обликува со внимателност, со особен интерес за тоа како основните елементи градат комплексни текстури, користејќи алгоритми во развивањето на основната идеја. Звучните светови кои ги креира се полни со радост и убавина, но сепак, постои и чувство на оттуѓеност, особено кога главната улога ја преземаат неприродните аспекти на звукот или неговите делови-синусоидите.

Во композицијата Mobile (2014/2015) објектот (mobile) се движи полека, како што низ него дува ветрот. Расте и се трансформира, а како тој се врти, така се менува и перспективата на гледачот. Иако набљудуван од различни агли, објектот секогаш останува ист. Како инспирација за делата на Борис Беземер се земени објектите на Александер Калдер. Тие вешто балансираат и се движат полека низ просторот. Овие едноставни и природни движења создаваат прекрасни глетки. Врската помеѓу формите се менува, а на тој начин се менуваат и самите форми. Одреден дел од објектот може да се контролира, но останатиот се движи самиот по себе. Секогаш постои непредвидливост,од стабилно до брзо движење.

Делото “Spring” (2014/2015) се состои од звучни модели нарачени „springs“ кои се составени од растеж – скок – движење – одмор. Секој “spring” е едно движење, гест, конструктивен елемент на делото. Сите делови се различни и индивидуални, а заедно се развиваат и градат нереална текстура. Делото има отворена оркестрација и е дел од циклусот кој вклучува и две електронски дела за звучници.

Гирилал Баарс е композитор, вокалист и импровизатор кој живее во Упсала, Шведска. Тој работи на полето на електроакустичната композиција и изведба, како и на истражувањето и изведбата на фолклорната вокална музичка традиција. Последните неколку години се фокусира на поврзувањето на традиционалната вокална музика и современата електроакустична музика, како и на изведбата на жива вокална музика со електроника. Гирилал Баарс е доктор по композиција, титула здобиена на Универзитетот во Хадерсфилд во Велика Британија, а неговите дела, освен во родната Шведска, се изведувани и во Торонто, Белфаст, Перт, Њујорк, но и во Малезија, Литванија, Латвија, Финска, Мексико, Португалија, Белгија, Германија, Естонија и Италија.

Композицијата “The Deep Blue Book” е базирана на старата руска песна “Билина”, која ја раскажува приказната за магичната книга што ги содржи сите тајни и магии на светот. Делото ги поврзува јазикот и музиката преку систем во кој фреквенцијата на буквите се поврзува со теоријата на тоналните хиерархии во музиката. Формулата на репетиција на линии и фрази вообичаени за оралната поезија се појавува како своевидно ехо во индивидуалните музички фрази, а мистичната необичност на самата приказана е евоцирана во аранжманот на трите инструменти (хорната, гитарата и контрабасот).

Творбата “Fair Margaret” е заснована врз шкотско-англиска балада за една љубов која ги надминува сите материјални нешта, богатство и статус. Песната датира од крајот на 18. век и се јавува во неколку различни верзии. Програмата на Баарс, користи пет од нив, создавајќи жива партитура за пејачот, селектирајќи слогови/зборови во специфична, но случајна прогресија. Главните линии никогаш не се нелогични, но се наоѓаат на границата помеѓу кохерентност и нејасност. Обоата користи фрагменти од мелодијата, создавајќи три паралелни делници каде самиот изведувач одлучува по кој редослед ќе ги интерпретира.

Ана Пандевска дипломирала на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Јана Андреевска (студиите ги започнала кај проф. Гоце Коларовски). Нејзините дела досега се изведувани во САД, Србија, Словенија и Македонија, а нејзината инспирација доаѓа од повеќе извори како македонската традиционална музика, џезот, панк-рокот и електроакустичната музика. Таа е автор на композиции за соло инструменти, камерни ансамбли, хор, симфониски оркестар и електроакустична музика. Пандевска е член на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ.

Композицијата “Marrionetes” за вибрафон, пијано и гудачки квартет e компониранa во 2014 година по повод конкурсот за нови дела од областа на класичната музика кој го организира Министерството за култура на Република Македонија. Таму ја освојува третата награда и својата премиерна изведба, токму од ансамблот “КонТемпора” ја доживува на фестивалот “Денови на македонска музика” во 2015 година.

Инспирацијата за делото композиторката ја наоѓа во внатрешните доживувања на општествените случувања, кои ја поттикнуваат на размислувања во правец на потиснувањето на индивидуата во општеството, но и на растечката манипулација врз луѓето. Оттаму е и насловот “Марионети” (кукли контролирани со помош на конец). Неговото значење во овој контекст упатува на тоа дека некој друг ја има контролата и тие не можат да се спротивстават на присилните команди.

Композицијата “Echo Illussions” е напишана во 2013 година по нарачка на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ. Пишувана е под влијание на панк-рок музиката, а покрај овој жанр, истата инкорпорира и елементи на фолклор, џез, традиционален блуз и психоделичен rock&roll. Делото изобилува со многу ефекти, но се базира брз традиционална гитарска изведба. Самиот наслов “Echo Illusions” упатува на употребата на музички материјал, што кај слушателот на моменти создава несигурност – илузија. Ова е остварено со полифоната имитација во гитарската делница и музичките ефекти на лентата, односно првенствено врз изложувањето на музичкиот материјал од страна на изведувачот и негова имитација кај лентата.

Концертна програма:

Борис Беземер
MOBILE за жива електроника

Ана Пандевска
ECHO ILLUSSIONS за електрична гитара и лента

Гирилал Баарс
FAIR MARGARET за глас и обоа
DEEP BLUE BOOK за гитара, хорна и контрабас

Борис Беземер
SPRING за камерен ансамбл

Ана Пандевска
MARRIONETTES за клавир, вибрафон и гудачки квартет

Настапуваат: Владимир Лазаревски – обоа, Владимир Чадиковски – гитара, Горан Јанев – хорна, Влатко Нушев – вибрафон, Весна Ангелова-Христов – клавир, Владимир Костов – виолина, Симон Поповски – виолина, Бојан Талески – виола, Паскал Краповски – виолончело, Петруш Петрушевски – контрабас. Гостуваат: Гирилал Баарс – глас и Борис Беземер – жива електроника. Влезот за сите настани е слободен.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: