Најновото филмско остварување на македонскиот режисер Вардан Тозија „М“ – дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, го имаше своето премиерно киноприкажување во Битола.
Вечерва на моја голема радост сме во Битола да ја проследиме премиерата на мојот втор долгометражен филм наречен „М“. Битола има посебно место во моето срце, затоа што ние уште како студенти на филмска режија патувавме и растевме со филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ и секогаш ова било некаков храм каде што сме ги оставале саатите пред големото платно. Очекувам дека филмот ќе и се допадне на битолската публика и дека ќе има посетеност во кино. Нешто што многу често нашата македонска публика го заборава. – изјави режисерот Вардан Тозија пред проекцијата на филмот.
„М“ е жанровски филм, нешто поинаку од она што се презентира од нашата кинематографија. Се работи за дистописки филм, филм кој што раскажува една приказна за нашата блиска иднина на поголем дел од дејствието мрачна приказна меѓутоа со некаква водилка која треба да биде протолкувана од самата публика.
Ова беше многу захтевен филм. Филм кој што бараше многу енергија да се сними, да се подготви. Нормално таа енергија пред се беше дадена од режисерот Вардан Тозија. По сценарио имавме магична шума, многу сум среќен што магичната шума ја одбра Вардан да биде Пелистер. Мислам дека изборот беше одличен. Децата беа најпрофесионалниот дел од оваа екипа и со нив воопшто не се измачивме. Децата беа попрофесионални од повеќето глумци со кои некогаш сме работеле. Испадна дека нашиот најголем страв – децата, беше неоснован. – истакна продуцентот Дарко Попов.