Во духот на новогодишните празници Македонската опера и балет оваа година подготви Новогодишен концерт. Во ритамот на валцери и полки, МОБ ја пренесе виенската магија и во Скопје, со прекрасниот концерт кој се одржа на 1 јануари, со почеток во 20 часот во Македонскиот народен театар, со настап на солистите и целосниот ансамбл на МОБ.
На програмата беа изведени најпознатите дела на Штраус, Штраус помладиот и оперетниот мајстор Калман, а настапија оперските солисти: Ана Дурловски (сопран), Михаило Арсенски (тенор), Марјан Јованоски (баритон), како и балетските солисти: Мими Поп Алексова – Атанасовска, Василиј Чичијашвили, Ивана Коцевска, Игор Велјановски, Билјана Басмаџиева и Дојчин Дочев (Бугарија). А освен веќе споменатите, настапи и хорот и оркестарот на МОБ.
Диригент на новогодишниот концерт беше Борјан Цанев, режисер Дејан Пројковски, кореограф м-р Олга Панго, избор на костими Марија Пупучевска, светло мајстор Милчо Александров, концерт мајстор Верица Ламбевска, додека хор мајстори се Јасмина Ѓоргоска и Ѓургица Дашиќ.
Сите Вие што не успеавте или не можевте да присуствувате на концертот, кој е објавен на официјалниот канал на You Tube на МОБ, истиот можете да го погледнете со кликнување на следниот линк: Новогодишен концерт на МОБ. Уживајте!
Подготви: Редакција на Музика24