Културо

Култната петта симфонија на Малер на сцената на Македонската филхармонија

“Танц на судбината” е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија кој под палката на извонредниот Емил Табаков од Бугарија, ќе се одржи на 28-ми јануари во Домот на АРМ со почеток во 20 часот. Овој пат, како што кажува и самиот наслов, ќе биде изведена грандиозната Петта симфонија од австрискиот композитор Густав Малер, но и познатиот Концерт за пијано и оркестар бр.1 од унгарскиот композитор Франц Лист, каде како солист ќе се претстави хрватската и светска пијанистка Мартина Фиљак.

За големиот австриски композитор со еврејско потекло, Густав Малер (1860 – 1911), едногласни се изведувачите, но и публиката во мислењето: “Да се диригира, да се слуша и да се изведува Малер е единствено искуство”. Диригентот Даниел Рајскин ќе каже и дека често се поставува прашањето дали е некој дораснат да го изведува Малер и да ја сфати генијалноста и едноставноста на неговата музика. Густав Малер има култно место во историјата на класичната музика. Неговата Петта симфонија (1901-1903) се смета и за една од најдобрите на овој исклучителен автор. Оваа хумана партитура е посветена на неговата сопруга Алма Малер и ни открива личност способна да им пркоси на новите слабости и многубројните внатрешни превирања.

Мартина Фиљак (1978) се вбројува меѓу најталентираните хрватски музичари од помладата генерација, која со својата страсна и лирска изведба и техничка перфекција ја воодушевува меѓународната јавност како уметница со “магнетска сценска присутност”. Родена во семeјство на музичари, ќерка на пијанистот Ранко Фиљак, пијано почнала да учи на пет години, а веќе во шестата првпат јавно настапила. Образованието го стекнала на Музичката академија во Загреб и на Конзерваториумот во Виена, во класата на Владимир Крпан, а потоа во реномираната класа за солисти во Хановер. Во 2009-та година, Фиљак освојува златен медал на реномираниот меѓународен натпревар во Кливленд, а набргу потоа дебитира во “Концертхаус” во Берлин, “Музиквереин” во Виена, “Карнеги хол” во Њујорк… Магазинот “Њујорк тајмс” за неа напиша дека поседува “живописна и привлечна сценска присутност…, снаодливост во техниката и природна музикалност… Пијанистката е вредна за внимание…”.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: