Културо

Маестралниот Сергеј Крилов со Македонската филхармонија настапува како виолинист и диригент

Македонската филхармонија го најавува концертот „Езотерија”, кој ќе се одржи овој четврток (11.04.2024) со почеток во 20 часот, а на кој како виолинист, но и како диригент, настапува прочуениот Сергеј Крилов.

Заедно со Крилов, кој се смета за еден од најталентираните виолинисти на својата генерација и веќе одамна етаблиран и како диригент, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе: Симфонија бр.1, оп. 25 -„Класична”, најпопуларната симфонија од Сергеј Прокофјев, потоа Концертот за виолина и оркестар бр. 1, оп.26 во g-moll, најизведуваното и најпознатото дело од Макс Брух, како и романтичарската Четврта симфонија на музичкиот „Прометеј” – Лудвиг ван Бетовен.

Концертот „Езотерија” ќе донесе комплексна програма и уникатен начин на работа, со маестрален уметник како што е Крилов, а каков што ретко слушаме на нашата музичка сцена.

Можеби ќе ве интересира: