Културо

Македонска филхармонија во Градскиот парк со „Одисеја 2024“

И оваа година, Македонската филхармонија ќе го реализира традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено”, кој ќе донесе разновидност и секако, несомнен квалитет. Во среда, на 19-ти јуни во Градскиот парк со почеток во 21 часот, под ѕвездите на скопското небо, одиме на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност.

Концертот носи наслов „Одисеја 2024″, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја”, но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија во јубилејот којшто годинава го слави оваа најстара национална институција – 80 години од постоењето.

Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, а кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001″, „Пеколен портокал”, „Бери Линдон” и „Очи широко затворени”.

Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика.

Можеби ќе ве интересира: