Културо

Македонскиот камерен состав трио “Аура” одржа концерт во Белград

Реномираниот македонски камерен состав трио “Аура”, во петок, на 11-ти декември во Белград одржа целовечерен концерт по покана на меѓународниот фестивал “Бунт”. Триото на белградската сцена се претстави со дела од Лефевр, Коетсиер, Димушевски и Пиацола, а концертот се одржа во познатата сала “Гуарнериус”.

Триото Аура го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент”, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.

Триото “Аура” има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото често промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.

Можеби ќе ве интересира: