Културо

Македонската филхармонија со ексклузивен концерт по повод Денот на вљубените

Македонската филхармонија и оваа година подготвува незаборавно музичко патување по повод Денот на вљубените. Заедно со маестро Кејс Скалионе од САД, асистент диригент во престижната Њујоршка филхармонија и фантастичниот сопран Голда Шулц од Јужна Африка, на 12-ти февруари во Домот на АРМ со почеток во 20 часот, љубителите на музиката ќе уживаат во прекрасните звуци на Чајковски, Равел, Гершвин, Портер. Овој пат концертот носи наслов “Некој ме гледа романтично”, а публиката ќе има можност да ги слушне љубовните приказни за “Ромео и Јулија”, “Порги и Бес”, “Шехерезада”, дело што ќе ја има македонската премиера, како и најпознатите џез-стандарди кои досега доживеаа милионски изведби и преработки – прекрасната “Summertime” и “Someone to Watch Over Me” од Гершвин и “Everytime We Say Goodbye” од Портер.

Увертирата-фантазија “Ромео и Јулија” на рускиот великан на музиката Петар Илич Чајковски (1840-1893), кој зад себе остави вистинско звучно богатство, е уште еден од неговите бисери. Таа е инспирирана од трагедијата на Шекспир, но се движи во слободна форма, земајќи ги предвид некои од епизодите на приказната. Трагичната судбина на двајцата вљубени ја навестуваат мрачниот тоналитет на бас-кларинетот и фаготот, а по кусиот премин во гудачите, флејтите ја носат меланхоличната мелодија на љубовта на Ромео. Сите инструменти понатаму се сплетени во прекрасна оркестрација и, всушност, ги сликаат расположенијата и ситуациите во приказната, сè до смртта на главните ликови, односно до театралното финале.

“Шехерезада” за сопран и оркестар на францускиот композитор Морис Равел (1875-1937), кој во историјата е забележан како еден од најголемите мајстори на оркестрацијата, е исто така дело што е вброено во литературата како едно од неговите најистакнати. Равел ги создал неповторливите дела за пијано, меѓу нив и “Павана за мртвата принцеза”, концертите за пијано, опери како “Шпанска војна” или популарните оркестарски дела “Болеро”, “Дафне и Клое”, “Ла Валс”, “Мојата мајка гуска”, “Шпанска рапсодија”…, но “Шехерезада” се издвојува поради, како што пишуваат биографите, мошне инвентивното водење на гласот низ оркестарските лавиринти. Создадена е во 1903-та година врз стихови на францускиот поет, музичар и сликар Тристан Клингсор, познат токму поради пријателството со Равел. Составена е од три дела. Првиот дел “Азија” со постојано повторување на зборовите:

“Би сакал да видам…”, ги евоцира обичаите на романтичниот континент, а вториот, пак, “Волшебната флејта”, зборува за господарот на харемот што заспал додека неговата миленичка ја слуша флејтата на која свири нејзиниот љубен. Третиот дел носи наслов “Рамнодушни”, во кој млада жена се обидува да го привлече вниманието на еден странец.

Американскиот композитор Џорџ Гершвин (1898-1937) во својата земја стекнал популарност со своите комедии, додека со светска слава се здобил со концертот за пијано “Рапсодија во сино”, со кој го послал патот на симфонискиот џез. Меѓу неговите многубројни дела се истакнува операта “Порги и Бес” (1935), опишана како црнечка народна опера, создадена според романот на Дју Боуз Хејворд “Порги”, и со која композиторот го обиколил светот. Гершвин ја замислил како прва американска народна опера и за да ја направи што поавтентична, за бродвејската премиера ангажирал исклучиво црнечка пејачка постава. Затоа делото често било предмет на критика за расизам, но подоцна критичарите сепак го признаваат како “вистинска” опера. Дејството се одвива во Чарлстон, Јужна Каролина, кон крајот на 19 век. Станува збор за просјакот Порги, кој е вљубен во убавата Бес, љубовница на бруталниот Краун… Ариите од операта, особено “Summertime” и “It Ain’t Necessarily So”, се дел од стандардниот џез-репертоар. Критичарите за “Summertime” ќе кажат дека е една од најдобрите воопшто создадени песни во историјата на музиката, со повеќе од 30 илјади снимки и преработки, песна што ја препеале многу славни грла. Симфониските слики “Порги и Бес” (1942) аранжирани од добриот пријател на Гершвин и негов асистент Роберт Расел Бенет, ги вклучуваат повеќето од познатите песни од операта. “Someone to Watch Over Me”, пак, по текст на Ира Гершвин, е песна од мјузиклот “О, Кејт”. Гершвин сакал да ја создаде во сосема поинаков џез-стил од она што потоа му го предложил неговиот брат, да биде сепак, балада. И оваа композиција е дел од стандардниот џез-репертоар испеана од популарни џез-пејачи.

Американскиот композитор и текстописец Кол Портер (1891-1964) роден во богато семејство во Индијана. И покрај негодувањето на неговиот дедо, сепак решил да стане музичар. Стекнал класична музичка наобразба, но потоа се ориентирал на мјузикли. Првите успеси ги доживеал во 20-тите години на минатиот век и станал еден од највлијателните автори на Бродвеј. Самиот ги пишувал и музиката и текстовите за своите претстави, за разлика од другите автори. Меѓу најпопуларните мјузикли на Портер се “Fifty Million Frenchmen”, “Can-Can”, “Anything Goes”…, а меѓу неговите хит-песни се вбројува и “Everytime We Say Goodbye”, како и “Night and Day”, “I Get a Kick out of You” итн. Портер е познат и како автор на музика за голем број холивудски филмови од 30-те до 50-те години на минатиот век.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: