Културо

Од печат излезе монографијата посветена на Есма и Стево Теодосиевски

Во издание на “Македонска искра” и асоцијацијата “Кралицата Есма и Стево Теодосиевски”, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, деновиве од печат излезе монографијата посветена на едно од најпознатите македонски естрадни имиња на македонската музичка сцена, а многу пошироко, Есма Реџепова Теодосиевска и нејзиниот животен учител, музички соработник и сопатник Стево Теодосиевски. Автор на ова луксузно издание е познатиот македонски истакант публицист Славе Катин, додека воведот на монографијата е на министерката за култура Д-р Елизабета Канческа Милевска.

Оваа монографија чие име го носи на нашата позната дива “Есма” излезе неодамна и е посветено како на нејзиниот живот, одличната блескава кариера, така и на времепловот кој веќе 55 години докажува дека станува збор за доблесна дама, истакнат уметник, донатор, голем хуманист и пред се човек.

Монографијата е хронопис и веродостоен приказ за угледната музичка ѕвезда и патриот, возљубеник во својата татковина Република Македонија и нејзиниот животен сопатник, истакнатиот музички уметник Стево Теодосиевски. Со илјадниците гостувања и концерти, со успешните настапи и мисии, Есма и ансамблот “Теодосиевски”, го пренесоа името на Македонија низ десетици и десетици земји низ сите меридијани на светот, афирмирајќи ја убавата македонска и ромска песна на нивен специфичен начин.

Наречена дамата со божествен глас и голем музички талент, таа е откриена како надарено младо девојче во 60-те години на минатиот век, кога за прв пат запеа пред микрофонот на Радио Скопје. Натаму низ годините, направи голема кариера, стекна интернационално име и помина илјадници и илјадници километри со Стево и неговиот оркестар, крстосувајќи ја планетата од Америка до Австралија, од Канада до Индија, од Африка до Јапонија, од Русија до Нов Зеланд, од Европа до Азија.

Sagata za Esma_naslovnaВо воведот на оваа монографија, министерката за култура д-р Елизабета Канчевска – Милевска, меѓу другото напиша:

“Сагата за Есма Реџепова – Теодосиевска е славопис за едно големо човечко возљубие, за дамата со ангелски глас, која поседува ретка естрадна виртуозност и специфика, и пред која се поклонија милиони луѓе во најпрестижните светски концертни сали на сите четири страни од светот…”.

Есма стана препознатлива, прифатена и призната со песната, темпераментот, оригиналноста, музичкиот ритам и сензитивниот линк со публиката. Со својата дарба, труд и упорност, со истрајноста и квалитетот, го почна искачувањето по естрадните скалила од родното Скопје, и натаму низ децениите стана популарна музичка дива… Нејзините континуирани успеси се и нејзиниот неизбришлив амблем кој останува во аналите“. Есма повеќе од 55 години е истакнато музичко име. Станува збор за голем јубилеј во кој, таа е овенчана со слава, а и натаму е неуморна и активна на естрадните подиуми. Поради својата оригиналност и музичка виртуозност, е нарекувана и ја доби титулата Кралица на ромската песна во интернационални рамки.

Во обемната биграфска приказна сместена во книгата едноставно насловена “Есма”, на 410 страници авторот Славе Катин, со многу умешност, знаење, имагинација и со моќта на убавата мисла, композиција и збор, ја овековечува Есмината одисеја, во трезорен, документариум и за времето идно. Инаку, да споменеме дека Славе Катин чиј творечки опус е педесетина книги, објавил и над три илјада текстови за иселеништвото, македонскиот јазик, религијата, културата, литературата и други области, а еве, најновото издание е за Есминиот живот и дело.

За афирмативните блесоци на Есма за својата Македонија, за големите музички дострели, за хуманоста и филантропската активност, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, во 2010 година ја одликува познатата естрадна уметничка со Орден за заслуги за Македонија. Таа тогаш, само скромно ќе рече, дека тоа високо признание не го добива Есма, туку граѓаните на Македонија. Исто така, е првата жена која во 2013 година ја доби престижната титула “Национален уметник на Република Македонија”.

Монографијата чии издавачи се книгоиздателството “Македонска искра” и асоцијацијата “Кралицата Есма и Стево Теодосиевски” од Скопје, а рецензенти се проф. д- р Васил Тупурковски и проф. д-р Јордан Плевнеш, несомнено дека е вредно, доста луксузно опремено дело на македонски, англиски и ромски јазик, со неколку прилози и на други јазици е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија. Извонредно е илустрирано со десетици и десетици прекрасни фотографии, кои, и сами за себе, и во контекст на текстовите и хронологијата, доловуваат автентична слика и заокружуваат една вистинска животна и уметничка приказна за познатата естрадна ѕвезда Есма Реџепова – Теодосиевска.

Книгата се очекува да биде промовирана во Скопје, Кочани, Белград, Брисел, во Америка, Канада и Австралија.

Можеби ќе ве интересира: