Културо

Петок во Филхармонија ќе се одржи концертот „Музичко патување“

„Музичко патување“ е насловен концертот кој ќе се одржи в петок со почеток во 20 часот. На програмата за Концертот за кларинет и виола оп.88 од Брух и Симфонијата бр.4 –„Италијанска“ од Менделсон. Солисти се Здравко Ангелов (кларинет) и Илза Бафтиари (виола), а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Македонскиот кларинетист Здравко Ангелов го започнува музичкото образование на 7-годишна возраст.Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2000 година во класата на проф. Иван Кочаров, а магистрира во 2012 година на истиот факултет во класата на проф. Стојан Димов.Повеќе од 15 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија, на што му претходат педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и двегодишното искуство како соработник на Македонската опера и балет. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија во Македонија и во странство, а во 2000 година ја освојува специјалната награда Yamaha.Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“.

Илза Бафтијари започнува да учи виолина од 9-годишна возраст во класата на проф.Сихана Бадивуку. На 16-годишна возраст започна да изучува виола во класата на проф.Јован Бицевски во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а додипломските музички студии ги изучува во класата на проф.Фросина Балова. Има одржано бројни концерти и рецитали со својот брат Шкељзен Бафтијари, пијанист. Настапува и во камерни состави, а два пати како солист со Македонската филхармонија, потоа како солист со камерниот оркестар на ДМБУЦ во Италија и камерниот оркестар „Солисти“ на ФМУ. Свирела во неколку меѓународни оркестри како што се CEI Orchestra и Jugest Sinfonie Orchester со настапи во Италија, Словенија, Австрија, Швајцарија, а веќе трета година е дел од германскиот оркестар Manheimer Philharmoniker,каде што настапува во најпрестижните сали во Европа како што се ElbPhilharmony во Хамбург и Queen Elizabeth Hall во Антверп, како и со врвни солисти како што е Марта Аргерич. Бафтијари работи и во оркестарот на Косовската филхармонија, а од 2020 година е редовно вработена во Македонската филхармонија. Член е и на оркестарот на Музичка младина, а редовно снима филмска музика во оркестарот „Фејмс“.

Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години, бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.

Можеби ќе ве интересира: