Културо

По повод новогодишните празници божиќна балетска бајка „Оревокршачка“ со три изведби

Како што не известуваат нашите пријатели и соработници од Македонската опера и балет, по повод новогодишните празници, Македонската опера и балет и оваа година на големата сцена ќе ја изведе омилената божиќна балетска бајка „Оревокршачка“, а поради големиот интерес, најавени се три изведби на 24-ти, 25-ти и 28-ми декември со почеток во 20 часот.

За првпат балетот „Оревокршачка“ бил поставен на сцената на Македонската опера и балет (тогашна МНТ) на 2 декември 2001 година, од тогаш до денес редовно се изведува на нашата сцена за време на новогодишно-божиќните празници. Оваа година е јубилејна, 20 години од првата изведба на балетот „Оревокршачка“ пред македонската публика. Со величествената музика на Чајковски, по кореографија на Василиј Иванович Ваинонен од Русија, пренесена од: Михаил Крапивин (Русија), сценограф е неговиот сонародник Анатолиј Нежњи, а костимограф е Љупка Ристовска.

Балетот „Оревокршачка” е волшебна, новогодишно-божиќна бајка, мириса на снег, карамела и на цимет. Обоен е со црвено, златно и со бело. Веројатно затоа на публиката никогаш не и е доста од „Оревокршачка“ пред Нова година, секоја година. Во главните улоги настапуваат: Мими Поп Алексова Атанасовска, Бобан Ковачевски, Ела Канер (Турција) во претставата на 24-ти декември… Ивана Коцевска, Балаж Лашеи (Унгарија), Ела Канер (Турција) во претставата на 25-ти декември и Христина Наќевска, Балаж Лашеи (Унгарија), Ела Канер (Турција) во претставата на 28-ми декeмври. Настапуваат првенците, солистите, балетскиот ансамбл при Националната опера и балет и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.

Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести. Влезот е дозволен само со потврда за извршена вакцинација против Ковид-19 или потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Задолжително е носење на заштитна маска.

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....