Културо

Познатата естрадна новинарка Парго објави книга за женските права (Фото)

На 22 декември 2023 година, на денот кога е роден и поетскиот великан Кочо Рацин, познатата македонска естрадна новинарка Валентина Ѓоргиевска Парго во “Јавна соба” во Скопје ја промовираше својата најнова книга, но, изненадувачки за сите, книгата овој пат е за женските права. Насловот гласи “Горка кнедла” и е објавена од страна на Новинари за човекови права/ Journalists for human rights. Дизајнот на корицата е изработен од талентираната средношколка од “Орце Николов”, Николина Таневска.

Оваа книга е плод на повеќегодишно посветено новинарско ангажирање на Парго на тематиката за жените- жртви на насилство од секаков тип, и е вистинска експлозија од изјави, признанија, реални приказни, случувања, моменти, ситуации на бројни жени.

Работена е во периодот од 2017 година досега, а преку приказни, меко прифатливи за читање, изнесени се конкретни проблеми со кои се соочува жената денес.

„Несфатеноста, запоставеноста, негрижата, потценетоста, многуте обврски, преангажираноста, лошиот однос, здравствените и семејните проблеми, институционалното насилство, неморалот, беспарицата, невработеноста, лажниот имиџ, лажните идоли, помодарството, медиумската пропаганда, нечесната трка по пари, безмилосната политика, нарушеното достоинство, сѐ се тоа проблеми кои го косат животот на жената во денешницата“, вели авторката.

Но освен тоа, оваа книга отвора и табуизирани теми кај нас, не само женски неправди и насилства врз жени (од аспект, на психичко и физичко насилство, озборување, клеветење, мобинг, булинг, стигматизирање, навреди, уцени, присилувања), туку се осврнува и на злоупотреба на женската сексуалност…

За нашата читателска публика најважно е што во дел од неа се споменати и обработени и темите за вербално и физично насилство на нашата естрада, за кои авторката вели дека имала јасни сознанија и информации. Прави обработка и на недолични текстови кои преку музика ги конзумираат младите.
Книгата е меѓу ретките што се занимава со ваква поширока проблематика, повеќеслојно и на повеќе нивоа, укажува и посочува, насочува и извлекува нови поуки, како да се поправи односот на најблиските, околината, заедницата и општеството кон нив, и обратно.

Текстовите кои се дел од неа во изминативе години побудија интерес и беа препознаени од повеќе меѓународни организации, па така беа претставени лично од авторката, на повеќе меѓународни конференции и форуми, пред борки за женски права, стручни лица и европски универзитетски професори, во Букурешт, Темишвар, Берлин, Бон, Штутгарт, Бања Лука, а од НЧП и во Белград, Малта, Шпанија, Шведска, Тирана, Турција, и во други места и држави.

Авторката досега има објавено неколку книги и монографии, има освоено литературни награди, и освен што е позната како музичка новинарка, таа е поетеса, писателка, и сценаристка, чие сценарио на англиски јазик за прв пат годинава беше изведено и на меѓународен фестивал “Темпора/ Контемпора” во Лече, Италија. Освен континуираната соработка со НЧП соработува и со други светски новинарски организации и медиуми кои се занимаваат со човекови права.

“Горка кнедла” може да се набави на самата промоција по цена од 300 денари и во просториите на Новинари за човекови права/ Journalist for human rights.

Можеби ќе ве интересира: