Културо

Премиерна изведба на „Симфонија од дивината“

Македонската филхармонија, на 11-ти мај (сабота) со почеток во 12 часот, ја најавува изведбата на најновиот, премиерен проект за деца насловен „Симфонија од дивината” („Wild Symphony”), чиј автор е светски познатиот писател Ден Браун.

Станува збор за проект базиран врз новата, илустрирана детска книга на Ден Браун, најпродаваниот автор според „Њујорк Тајмс”, кој се прослави со романите „Кодот на Да Винчи” и „Ангели и Демони”. Интересно е што овој светски познат писател ја создаде и музиката за симфониски оркестар која што е инспирирана токму од детската книга.

„Симфонија од дивината”, инаку, е богато илустрирана сликовница, придружена со музичка свита за симфониски оркестар. Во сликовницата се прикажани дваесетина животни и секое од нив има свој засебен став во оркестарската партитура. Овој начин на создавање на музика е инспирација од познатата музичка свита „Карневал на животните” од Камиј Сен-Санс.

Од веселиот ритам на „Скокачкиот кенгур”, до мистериозните мелодии на „Чудесниот кит”, преку неверојатната хармонија на „Брилијантниот лилјак” , речиси дваесет става од „Симфонија од дивината” ги опишуваат животните и нивните приказни застапени во сликовницата. Оваа книга всушност, го разоткрива Ден Браун и како долгогодишен музичар и композитор, кој за себеси ќе каже дека инспирацијата ја црпи од детството, односно од музиката посветена на децата и младите, како што се, на пример, делата „Петре и волкот”, „Карневалот на животните” или „Водич низ оркестарот за млади”.

„Мојата намера со создавањето на оваа симфониска свита, е да се обезбеди нова забавна можност за семејствата, родителите, за децата и за луѓето од сите возрасти, повторно да се поврзат со магијата на класичната музика”, ќе каже авторот Ден Браун.

Концертот „Симфонија од дивината” ќе биде изведен од оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ. Наратор е актерот Мартин Јордановски, кој ќе ја воведе публиката низ возбудливиот свет на дивината и авантурите на животните.

Можеби ќе ве интересира: