Културо

Прва изложба на Лејла Куртов: „Оваа изложба ја посветувам на секоја рурална жена“ (Фото)

Лејла Куртов е родена во Скопје, a работи како воспитувач во Детската градинка “12-ти јули” во село Конче. Таа долги години се занимава со фотографија и уметничко сликање. Ова е нејзина прва изложба која ќе биде претставена во Домот на култура во општината Конче, а истата ќе се отвори во недела на 10-ти март со почеток од 13 часот.

На оваа изложба насловена “Рурална жена низ објективот”, ќе бидат претставени 19 уникатни фотографии и 17 животни приказни со кој Лејла се обидува да го скрши стереотипот за руралната жена во ова наше општество. Таа за сето ова вели:

„Додека живеев во Скопје немав никаква претстава што точно работи руралната жена и со какви предизвици се бори секојдневно. Откако дојдов тука (поради љубовта кон мојот сопруг) започнав да ја истражувам нивната улога и многу ми е драго што добив појасна и пореална слика за жената во руралнита средина. Таа жена е столбот на нашето општество која ја негува традицијата, културата, а од друга страна таа може да биде и урбана жена која може да приднесе и за економски, социјален и културен развој”, вели Лејла.

Таа е доказ дека руралната жена може да биде силна и моќна. Нејзините фотографии го покажуваат тоа. Истовремено работејќи земјоделско произвотство, а креативно изразувајќи се преку фотографија и уметност која ретко која жена во руралните средини знае и умее да ја создаде.

„Оваа изложба е посветена на секоја рурална жена во нашата држава. Жената која одгледува добиток, јагоди, тутун, жената која изработува грнчарски производи, која сука кори, прави маџун, домашна тарана, толчи црвен пипер или ниже суви пиперки, жената која ткае традиоционална македонска народна носија, која го негува фолклорот и учествува во културно-уметничко друштво, а најважно од се е дека оваа изложба е посветена и на жените со различни националности и религии кои се мои долгогодишни најдобри пријателки”, додава Лејла ветувајќи дека во следниот период освен во општина Конче, оваа изложба ќе биде претставена и во Скопје и другите попомали градови во нашата Македонија.

„Мислам дека ова е само почеток, бидејќи имам големи амбиции и планови особено кога станува збор за подигање на свеста за значењето на руралната жена во нашето општество”, вели Лејла Куртов, навидум обична воспитувачка, а сепак голема уметничка душа.

Можеби ќе ве интересира: