Македонскиот пијанист со светско реноме Симон Трпчески во Белград го претстави “Македонисимо” во рамки на циклусот “Рефлексии на Бемус”, што беше и регионална премиера и на овој негов нов емотивен проект инспириран од македонската народна музика.
На еуфоричниот прием и овациите од белградската публика, Трпчески и пријателите: Александар Краповски на виолина, Александар Сомов од Бугарија на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и на кавал и Влатко Нушев зад удиралките, по изведбата на препознатливите македонски ритми аранжерски облагородени од нашиот композитор Панде Шахов, низ кои провејуваат Буфчанско, Малешевка, Црногорка, Беранче, Велигденско, Пелистерско, Поступано, но и Филка мома, Чие е она девојче,… возвратија и со специјалниот бис од преработка на две српски ора. По концертот Трпчески изјави дека многу се радува на овој концерт во Белград и му е многу мило како поминал.
“Центарот на белградските фестивали не покани да го претставиме нашиот проект и за нас беше предизвик пред белградската и српската публика кои многупати досега покажале дека ја познаваат и сакаат македонската музика, да го изведеме “Македонисимо”. Драго ми е што и ние и публиката имавме една вистинска предновогодишна концертна забава”, рече Трпчески.
Осумдесетминутниот проект “Македонисимо” минатиот месец беше изведен во Велика Британија (Ливерпул и Бирмингем), а веќе се утврдуваат и термините за наредниот период за претставување во регионот, Скандинавија, Велика Британија, САД, Азија… и многу други.