Културо

Со “Евгениј Онегин” старуваше уште едно издание на Мајските оперски вечери (Фото)

Честта да го запали фестивалскиот огин, со кој секоја година традиционално се означува старт на фестивалот што стана препознатлив македонски бренд во светот, годинава ја имаше првенката на Македонската опера и балет, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова, означувајќи го пламтењето на емоциите на сцената. Со извонредната оперска претстава “Евгениј Онегин” според поемата на Пушкин, музика на Чајковски и во режија на Дејан Пројковски, завчера вечер беа отворени 44-те по ред Мајски оперски вечери. Директорот на Македонската опера и балет, оперскиот пејач Игор Дурловски, пак, во присуство на многубројните посетители, го прогласи фестивалот за отворен.

Sveceno otvoranje na MOV_2016“Веќе 44 години во Македонија се одржува редок музички настан од областа на оперската уметност што е голема привилегија, бидејќи таков настан не постои во нашето пошироко опкружување. Последните години тенденцијата на Министерството за култура и оваа национална институција е квалитетна презентација и програма и културна размена. Мајските оперски вечери имаат за цел на крајот од сезоната на публиката да и понудат врвно уметничко доживување, да се презентираат достигнувањата на оперските куќи и уметници од странство и пред се да се претстават нашите уметнички дострели. Очекувам врвни креации од плејада гости, диригенти, солисти, режисери…”, вели Дурловски, додавајќи дека “Евгениј Онегин” се изведува по пауза од 34 години. Како што додаде, тоа покажува дека македонските солисти и ансамбли се во постојан раст и можат да ги реализираат најтешките партитури.

Публиката во салата на Македонската опера и балет, исполнета до последно место, пак, завчеравечер имаше единствено оперско искуство поразлично од досегашните, со претстава за која и самиот режисер Пројковски посочи дека е потребно и “храброст и лудост”. Насловната улога ја одигра младиот баритон Иван Наумовски, во улогата на Татјана настапи врвната оперска пејачка Тамара Калинкина од Украина, ликот на Олга го играше Николина Јаневска, а Ленски го толкуваше хрватскиот оперски пејач од ХНК во Осиек, Домагој Доротиќ. Присутните ја проследија приказната во која покрај одличните оперски солистички настапи, видовме и глума и одлична сценографија и сценски движења кои на најдобар начин ја надополнија целата атмосфера. На сцената видовме, љубов, страст, страдање, присуствувавме на двобој, бевме дел од балот…

Evgenij OneginИако се работи за опера во три чина со тричасовно траење “Евгениј Онегин” успеа да ја задржи концентрацијата на присутните до самиот крај кои со голем аплауз ги наградија солистите не само на крајот од претставата, туку и во текот на нејзиното одржување. Аплаузи беа наменети и за оркестарот и сите останати учесници во подготовка и изведба на ова оперско дело кое сигурно и во иднина со ист интензитет ќе го привлекува вниманието на публиката.

Диригент на претставата беше Саша Николовски-Ѓумар, додека репризата која публиката ќе има можност да ја проследи вечерва (11 мај) ќе биде изведена под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Кореограф е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Марија Пупучевска. Во рамките на програмата на годинашниов фестивал се 15 настани, десет за возрасна публика, а пет се дел од Малите мајски оперски вечери наменети за најмладите.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: