„Te Dua, жими мене”, вториот независен филм на режисерот Марјан Гавриловски синоќа имаше своја премиера и пред битолската публика. На премиерата присуствуваше и дел од екипата на филмот предводена од режисерот Марјан Гавриловски а со него беа актерот и воедно автор на музиката Валентин Видовиќ и Стефан Ѓоргиевски. Филмот на репертоарот ќе биде повторно во петок 03.11.2023 и сабота 04.11.2023 од 20 часот, а проекција ќе има и во понеделник 06.11.2023 од 22:00.
Филмот е работен во 2019 година а бргу по својата премиера го зазеде местото на најгледан Македонски филм. Станува збор за комедија која граничи со сатира и раскажува приказна за тројца другари кои стануваат дел од криумчарење на дрога трудејќи се да ја вратат купената жена од Албанија назад. Социјалната комедија обработува плејада тематики, од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сé до вистинска љубов. Филмот на површина го извлекува заедничкото, човечката емоција.
Филмот е во режија на Марјан Гавриловски, а сценариото го потпишува Никола Кузелов. Позади оригиналната музика стои Валентин Видовиќ, а зад камерата Александар Карпузовски. Главните ликови ги толкуваат: Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Ангела Стојановска и Валентин Видовиќ, а играат и: Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Мими Таневска, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Рујиш Беговска, Мирсад Абази, Талија Настова, Елдин Широки, Исмаил Касуми, Надица Петрова, Сара Спиркоска, Ангела Димитрова и Флакрон Алиу.