Културо

Виолинистката Лада Шоптрајанова Петровска објави книга со музички приказни

Издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје ја издаде книгата со музички приказни „Сновење“ на виолинистката Лада Шоптрајанова Петровска. Книгата е објавена како дел од едицијата „Виртус“.

„Сновење“ е збирка од 52 приказни во кои авторката на префинет и читлив начин ни ги раскажува приказните за најголемите создавачи во музиката како: Моцарт, Верди, Пучини, Дебиси, Бетовен, Сибелиус, Чајковски, Рахманинов, Шостакович итн. За нејзините со-создавачи, изведувачи, кои биле или не биле наши современици како Паганини и Калас сè до приказните за нам временски блиските Пјацола, Коен и Шпато.

 Ракописот на Лада Шоптрајанова Петровска е пребогат и како книжевен и како музички поттекст. Како материјал, како краткотрајно задоволство напоено со знаење и компетенција. Повлекува врски и со филмот (конкретно во записите за Пучини и Моцарт), со ликовната уметност (Алма Малер – Густав Малер – Оскар Кокошка – Климт)… Шоптрајанова Петровска музичките дела ги ситуира во широко сензибилни контексти и тоа директно резултира со читливост, висока приемчивост на текстот, напиша во рецензијата македонската писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска.

Лада Шоптрајанова Петровска е родена 1972 година во Скопје. Основно училиште завршила во „Ј.Х.Песталоци“, а образованието го комплетирала на ФМУ во 1994 година. По образование и професија е виолинистка, а дополнително, по вокација – филигранистка и екологистка. Од 1993 година е надворешен соработник во Македонската филхармонија, а од 1995 до 2019 година нејзин редовно вработен член. Од 2017 до 2020 година соработува со весникот „Нова Македонија“, во кој еднаш седмично има своја рубрика насловена како „Музички приказни“.

Можеби ќе ве интересира: