Културо

Во четврток роденденски концерт на Македонската филхармонија

Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе прослави 77 години од формирањето. На концертот насловен „Убава Русија“ како солистка ќе настапи брилијантната руска виолинистка Марија Солозобова, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се Концертот за виолина и оркестар број 1 од П.И.Чajковски и Брамсовата Прва Симфонија. Овој концерт на Македонската филхармонија е во рамките на фестивалот „Есенски музички свечености“.

Концертот за виолина и оркестар бр. 1, Петар Илич Чајковски го напишал во 1878 година, инспириран од пејзажите и природните убавини на Женевското Езеро, за време на престојот во Швајцарија. Кога го напишал концертот, виолинистите сметале дека е невозможно да се отсвири, но во 1881 година, Адолф Бродски сепак се одлучил да го изведе. Премиерата на делото била во Виена, публиката ја поздравила првата изведба со бурни аплаузи, но критиката не била толку наклонета кон ова дело.

Познатиот диригент, композитор и пијанист Ханс фон Булов (1830 – 1894) ја нарекол Првата симфонија на Брамс – Бетовеновата десетта. Тој само го надополнил ставот на Роберт Шуман, кој дваесет и пет години порано, Брамс го нарекол „најголем продолжувач на музичката традиција на Бетовен“. Сѐ што напишал пред Првата симфонија, практично било своевидна „подготовка“ во која ги развивал своите оркестарски вештини (Концертот за пијано и оркестар оп.15, двете Серенади, Варијации на тема од Хајдн…) Создавајќи ги сите овие дела, Брамс, всушност пред себе имал само една цел – да напише совршена симфонија што ќе го оправда епитетот кој несебично му го дале и Фон Булов и Шуман. Со пишувањето на Првата симфонија, Брамс го надминал „оркестарскиот блок“, кој траел речиси 11 години, и по неа комплетно се отворил кон поголемите форми.

Марија Солозобова е една од највпечатливите виолинистки на својата генерација. Нејзината кариера е во постојан подем. Активно настапува во некои од најпрестижните сали во светот како „Викторија хол“ во Женева, „Тонхале“ во Цирих, „Концертхаус“ во Виена, Големата сала на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и други, каде што соработува со голем број еминентни диригенти, меѓу кои Владимир Спиваков, Михаи Танг, Владимир Федосејев, Дејвид Зинман и многу други. Настапувала со музичари како Марта Аргерич, Миша Мајски, Јури Башмет, Владимир Ашкенази, Михаил Плетнев…

Родена е во Москва, но живее во Швајцарија. Нејзиниот исклучителен талент бил очигледен уште како дете, а на 10 години ги добива првите награди на најпрестижните национални музички натпревари.

Нејзиното свирење го опишуваат како комбинација од виртуоз на моќ, креативна спонтаност и елеганција. Репертоарот на Солозобова е разновиден и опфаќа дела од времето на барокот, на класицизмот и на романтизмот, па сè до дела пишувани во20 и 21 век. „Нејзиниот модерен стил сигурно ќе се рефлектира на идните генерации виолинисти“, пишуваат медиумите за нејзината интерпретација. Славниот виолинист и диригент Јехуди Менухин за неа изјави дека е „прекрасен талент со жив темперамент, виртуозна брилијантност и големо професионално ниво“.

Уметнички директор е на „Класични врвови“ во Цирих, годишни концертни серии што се одржуваат во повеќе концертни сали во Швајцарија. Оваа сезона ќе настапи во неколку европски градови, како и во Јужна Африка. Свири на виолина изработена од Николо Гаљано во 1728 година.

По повод 77 години од постоењето на Македонската филхармонија, освен концерт, ќе биде поставена и изложба на фотографката Маја Аргакијева. Изложбата со наслов „Портретна симфонија“ ќе биде отворена во фоаејто на Филхармонија, на 26-ти ноември со почеток во 20 часот.

На изложбата ќе бидат поставени околу 30-на фотографии, сликани на концертите на Македонската филхармонија на кои главни „протагонисти“ се музичарите од оркестарот, како и бројните солисти и диригенти кои настапиле на нашата сцена.

Македонската филхармонија е формирана на 24-ти ноември1944 година, непосредно по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.

Можеби ќе ве интересира:

Се вчитува....