Културо

“Волшебната хорна“ – нов концерт со оркестарот на Македонската филхармонија

Во четврток 22.04.2022, на програма на Македонската филхармонија е концертот насловен „Волшебната хорна” на кој како солист ќе настапи Марк Грубер на хорна од Германија. Диригент е Конрад ван Алфен (Холандија), а на програмата се Концертот за хорна и оркестар бр.1 од Рихард Штраус и Симфонијата бр.5 од Антонин Дворжак.

Во 1883 година Рихард Штраус го напишал својот Концерт за хорна и оркестар бр. 1, во две верзии, една со пијано придружба, другата со оркестарот. Овој концерт е еден од најчесто изведуваните концерти на светските сцени, не само денеска, туку и во 19 век кога бил напишан. Премиерата на концертот со пијано придружба бил во 1883 година во Минхен, а премиерата со оркестар во 1885 година во Мејнинген. Концертот има три става, а музиката е напишана во типичен стил за романтизмот, и се чувствуваат влијанија од музиката на Феликс Менделсон. Концертот остава впечаток дека има два става, бидејќи првите два става се свират без пауза. Иако концертите во тоа време типично се пишувале со оркестарско претставување на темата, Штраус во ова дело имал обратен пристап – по еден силен акорд во оркестарот, солистот веднаш ја започнува темата со херојски призвук која се базира на разложени тонови. Концертот е исполнет со драма и херојска симболика во третманот на музичкиот материјал, започнува во тој стил и се враќа во третиот став заокружувајќи ја атмосферата на високо профилирана драматичност која циркулира од почетокот до крајот на ова дело.

Симфонијата број 5, Антонин Дврожак ја напишал за помалку од шест недели, и таа претставува камен темелник во дефинирањето и развојот на индивидувалниот стил на овој чешки композитор. Таа претставува кулминација на неговиот ран творечки период, и во неа може да се согледа еволуцијата на неговиот музички идиом. Таа претставува прилично зрело дело и во неа Дворжак демонстрира исклучителен скок во својата музичка креативност, создавајќи класична симфонија чии темели се поставени врз придобивките на класицизмот, но во исто време кокетирајќи со модерниот звук на романтизмот.

Можеби ќе ве интересира: