Кинематограферот од Франција, Жан-Мари Дружу, денеска во киното „Манаки“ во Битола одржа работилница, на која зборуваше за снимањето на филмот „Нотр Дам гори“. Дружу, кој тукушто го заврши снимањето на својот 60 филм во неговата кариера, е номининаран и наградуван за најдобра кинематографија и е поранешен претседател на француската Асоцијација на кинематографери.
„Ова е филмско искуство како ниедно друго. Вистинска приказна за мажите и жените кои го спасија Нотр Дам“, се вели во трејлерот за филмот, кој го видоа присутните во публиката во киното „Манаки“. На 15 април 2019 година, катедралата Нотр Дам во Париз ја зафати голем пожар, со што ја доживеа најголемата катастрофа во својата историја. И мажи и жени ги ставија своите животи во ризик за да го спасат ова многу важно историско обележје.
„Сценариото за филмот е пишувано за време на пандемијата. Тогаш започнавме и со препродукцискиот процес. За потребите на филмот беше изработена и пластична макета. Моравме убаво да објасниме што е целта и како сакаме да се одвива приказната во филмот. Снимавме во катедралите Бурж и Сенс, заради сличноста со Нотр Дам“, рече Дружу.
„Многу од сцените кога гори оганот се снимени во студио. Кога започнува Нотр Дам да гори, многу е темно. Снимав ноќе затоа што можев точно да го контролирам светлото кое што го употребував. Сите останати сцени се во дневно време снимени, а само кога катедралата гори, се снимени ноќе“, рече кинематограферот.

Прикажувајќи видеа од тоа како течело снимањето на филмот, Дружу кажа дека два месеци пред снимањето, се правеле тестови за да се види како ќе изгледа пожарот.
„Многу денови поминавме во студио тестирајќи оган. Многу пожар тестови направивме. И со пожарникарите поминавме многу време додека го објасниме целиот процес. Ова беше прилично предизвикувачка работа“, додаде кинематограферот.
