Откривањето на непознатото се движечката сила на овогодинешната програма на ИФФК „Браќа Манаки“. Ова издание на фестивалот го донесе прекрасното непознато во седум фестивалски денови.
Фестивалот секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери. Златна камера 300 годинава жирито им додели на кинематограферите Џевахир Шахин и Куршат Уресин за филмот „За сувите треви“, Сребрена камера 300 на Ченгма Жијуан за филмот „Само реката си тече“, Бронзена камера 300 за Паоло Карнера за филмот „Носталгија“, а посебно признание во главната селекција му е доделено на Наум Доксевски за филмот „Домаќинство за почетници“ со кој беше отворен фестивалот.
Тешко е да се раскаже прекрасното непознато во кратка филмска форма. Краткометражниот филм секогаш е голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Дарија Д’ Антонио, Питер Бижу, Теона Стругар Митевска, Ромен Лакурба и Доменико ла Порта одлучија Мала камера 300 да и се додели на Марта Симоеш, а посебно признание за Стефан Георгиевски за филмот „Мавера“.
На Георгиевски признанието му го додели Питер Бижу, а младиот режисер рече дека е голема чест за него што бил дел од овој фестивал, бидејќи неговиот независно финансиран филм се нашол во друштвото на филмови кои биле на светските филмски фестивали.
За документарниот филм реалноста е секогаш голем предизвик животот да го открие во непозната димензија. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Тамара Котевска, Татјана Крстевски и Самир Карахода. Железна камера 300 жирито и ја додели на Каролин Шампетије за филмот „Човекот во црно“, Железна камера 300 за краток филм ја доби Неритан Зинџирија за филмот „Светло на светлината“, а посебно признание за Тео Монтоја за „Анхел 69“.
Директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски рече дека формалноста од отворањето на фестивалот, во текот на овие денови полека се распаднала и веќе сите почнуваме да стануваме една фамилија.

„Во потрага по прекрасното непознато создадовме фестивал каков што Битола и Македонија, би сакале, требале и морале да имаат. После 44 години макотрпна и трпелива работа на сите кои сме биле дел од овој фестивал и сите кои со својата работа исполниле барем еден дел од фестивалскиот мозаик, се надевам, можеме да кажеме дека „Браќа Манаки“ е светски фестивал кој ги чествува кинематограферите и многу важен дел од културниот идентитет на Македонија“, рече Дамевски и на крајот отпеа песна со која ги покани сите гости следната година повторно да дојдат во Битола.

„Филмската уметност секогаш им пркоси на сите општествени и економски контексти кои не се сосема благопријатни за креативното изразување. Токму затоа на последниот ден на најстариот фестивал на филмската камера во светот „Браќа Манаки“ би сакал да им честитам на организаторите на истрајност, а на лауреатите за сите досегашни и идни успеси“, рече Пендаровски.