Магазин

Америка го забранува ТикТок?!

Американските федерални агенции треба да се погрижат нивните уреди повеќе да ја немаат апликацијата „Тик Ток“ и имаат 30 дена да го сторат тоа, објави Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа.

Американските членови на Конгресот сметаат дека апликацијата во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“ е закана за националната безбедност и ја забраниле нејзината употреба на уредите на своите вработени со гласање на крајот на декември.

Директорката на канцеларијата, Шаланда Јанг, во меморандум побара од американските владини агенции да ја прекинат и забранат инсталацијата на апликацијата на нивните уреди или уреди што ги контролираат и да забранат „интернет врски“ од нивните уреди со апликацијата. Забраната не се однесува на американските тела кои не зависат од федералната влада, ниту на милионите поединци кои користат „ТикТок“. Наредбата на канцеларијата на Белата куќа е спроведување на законот, кој го ратификуваше претседателот Џозеф Бајден во почетокот на јануари.

Канадската влада, исто така, вчера објави дека ќе го забрани „ТикТок“ на мобилните уреди што ги обезбедува на својот персонал, наведувајќи го „неприфатливото ниво на ризик“ за приватноста и безбедноста. „Тик Ток“ е меѓу забранетите апликации во Индија од 2020 година.

Со повеќе од милијарда активни корисници ширум светот, „Тик Ток“ е шестата најкористена социјална платформа, според најновиот извештај на We Are Social, кој го следи развојот на дигиталниот сектор, објавен во јануари.

„Тик Ток“ во ноември призна дека некои од неговите вработени во Кина можеле да пристапат до податоците на европските корисници, а во декември призна дека вработените ги користеле тие податоци за следење на новинарите. Сепак, групата негира дека кинеската влада има каква било контрола или пристап до нејзините податоци.

Можеби ќе ве интересира: