Магазин

Минатата година низ светот пропатувале 1,4 милиони луѓе

Минатата година беше многу добра за глобалниот туризам, со оглед на тоа дека се регистрирани 1,4 милијарди пристигнувања на туристи ширум светот, што е за шест отсто повеќе отколку пред една, покажа извештајот на Светската туристичка организација при Обединетите Нации (СТООН). Таа организација претходно очекувала дека оваа бројка ќе биде достигната во 2020 година, но сето тоа се оствари порано, дел благодарение на силниот економски раст, визните олеснувања и поволни авио-патувања.

“Растот на туризмот во последните неколку години потврдува дека овој сектор денес е еден од најсилните двигатели на економскиот раст и развој”, наведе генералниот секретар на СТООН, Зураб Пололокашвили во соопштението објавено на официјалната интернет страница на таа светска организација.

Туризмот на Блискиот исток пораснал за 10 отсто во однос на претходната година, а во Африка за седум отсто. Азиско-пацифичкиот регион и Европа оствариле раст од шест отсто, а Јужна и Северна Америка зголемување на туристите од три отсто. Се очекува прогнозата на СТООН за оваа година да биде повеќе согласно историските трендови на раст на меѓународниот туризам меѓу три и четири отсто.

Од СТООН наведуваат дека неизвесноста околу Брегзит, глобалното економско забавување, геополитички и трговски тензии, веројатно ќе донесат пристап “почекај и види” кога станува збор за патувањата во тековната година. Меѓутоа, стабилните цени на горивото, подобрувањето на воздушната поврзаност и растот на патувања од земјите во развој, ќе послужат како позитивни показатели за оваа година, оценуваат од СТООН.

Можеби ќе ве интересира: