Музика на кирилица

1.500 илјади евра и гратис Универзална за најдобрите на “Марс 2014”

Бесплатна сала за солистички настап и чек од 1.000 евра се наградите предвидени за изведувачот што според селекцијата на радиостаниците ќе го добие признанието “Апсолутен радиохит” на претстојниот фестивал “МАРС 2014”, кој ќе се одржи на 25-ти ноември во Универзална сала. Салата ќе му биде достапна и на пејачот што со својата песна ќе добие најмногу гласови на фан-страницата на фејсбук. И за него се обезбедени пари, а премијата е 500 евра. Симболични 10.000 денари, пак, ќе му бидат врачени на авторот што ги има најдобрите стихови, а за ова признание ќе одлучат акредитираните новинари од печатените медиуми.

“Целта не ни е да заработиме, туку да ја поддржиме македонската забавна музика, за која сметам дека се уште не е на посакуваното ниво поради рефрените од соседството, кои упорно се форсираат кај нас”, коментира Антонио Димитриевски, извршен продуцент на фестивалот.

MARS_PosterГрупите “Нокаут” и “Бета хаус”, Лозано, Kристина Арнаудова, Биба Додева, Тајзи, Тамара Тодевска, Викторија Лоба и Дексо, Сара Мејс и Димитар Андоновски се пејачите чии хитови влегоа во финалниот избор на радиофестивалот. Сите изведувачи ќе добијат едно или повеќе признанија, а главните категории се поп-хит, рок-хит, аренби или рап-хит, радиохит од машки и од женски изведувач, радиохит од група и најдобра балада. За овие награди ќе одлучува жири-комисија од 12 национални, регионални и локални радиостаници. За другите лауреати последниот збор ќе го има Советот на фестивалот, меѓу кои се и добитниците на признанијата “Ѕвезда што се раѓа” и “Партнерство за хит”.

“Сите изведувачи се одзваа на нашата покана. Годинава немавме уцени и се надеваме дека пејачите ќе го испочитуваат договорот и оти за разлика од минатата година нема да се соочиме со непрофесионални откажувања во последен момент. Единствено, неизвесен е настапот на Биба Додева, која во тој период има ангажмани со невладината организација “Борка”, ни откри Димитриевски.

Водител на шоуто е Марија Петровска, а зад сцената изведувачите ќе ги интервјуира Ване Марковски. Во ревијалниот дел ќе настапат Даниел Kајмакоски, Нина Бадриќ и Бојан Маровиќ.

Настанот директно ќе се пренесува на првиот канал на јавниот сервис. Финансиски е поддржан од Град Скопје и годинава се одржува во рамките на програмата за одбележување на 70-годишнината од ослободувањето на Скопје. По тој повод, наградата за трајни вредности, ќе ја добие авторот Александар Митевски за темата “Мојот град”.

Подготви: Синиша Новевски

Фото: Вистина

Можеби ќе ве интересира: