Музика на кирилица

Благој Маротов со нова верзија на песната “Не е љубов тоа” (Видео)

И покрај тоа што е време на корона, започнаа и летните одмори и целиот овој летен период кога речиси сите се обидуваат да избегаат некаде каде би уживале и би се одморале од секојдневието и пеколно жешките денови, познатиот македонски уметник, автор, изведувач и инструменталист Благој Маротов, ужива во работата создавајќи нови проекти, нешто интересно и одлично што ќе биде прифатено од македонската и балканска публика.

Тој деновиве изработи нова верзија на неговата слушана композиција “Не е љубов тоа”, во негово музичко и аранжманско обликување, и продукција, а на текст на Георги Барбаровски.

Нешто пред тоа, Маротов почна да снима еден интересен циклус на обработки на македонски изворни песни, под наслов “Класика М” , а новонастанатата ситуација ја искористи креативно, да го доосмисли и почне да го реализира, во своето студио.

“Класика-М” е мое “музичко милениче”, работено со најголемо внимание и посветеност во секој тон, и стих, а станува збор за познати песни. Овој пат тие се во поинаква аранжманска изведба, помодерен стил, со понагласен звук и како поприсутен мотив преку бас гитара, фретлес (за музички упатените, тоа е бас гитара без прагови,што ги разделува полиња), кој, како инструмент бара поголемо внимание и познавање при изведбата. Секако, посебно внимавав во поставување на привлечен изведувачки манир, вокалната интерпретација, одредувајќи го стилот на обработката на истата”, ни открива Маротов.

Првата обработка што ја направи е на “Садила Јана”, стара македонска песна, испеана од Никола Бадев, која ја сними карантински, со едно скромно домашно видео.

Втората обработка е на “Давај ме мила мамо”, текстот со мала измена од оригиналот, адаптиран во машка верзија, за која што исто така сними и видео запис, во рамките на она што го дозволуваа приликите.

Би сакале да ви ја откриеме и ексклузивно дека Благој Маротов студиозно се подготвуваше за настап на реномираниот “Сплитски фестивал”, сега идејата останува за некои подобри времиња. Сепак, нашиот познат музичар наскоро планира и едно мошне пријатно изненадување на хрватската публика, во знак на благодарност за прекрасната прифатеност изминативе години, каде со неговата музичко-брачна другарка Јуле, одржуваа турнеи и имаа средби и заеднички музички моменти и настапи со најпознатите хрватски пејачи, од редот на легендата Оливер Драгојевик, Петар Грашо и други.

Можеби ќе ве интересира: