Короната удри врз културно-уметничките манифестации

Пандемијата со коронавирусот удри и врз културните манифестации во земјава. Дел од нив се одржуваа во сосема поинакви услови, дел се откажаа или презакажаа за периодот после корона кризата, за која за сега не се знае кога ќе заврши.

Струмичкиот и прилепскиот карневал по повод празникот Прочка беа меѓу првите традиционални настани кои делумно се откажаа откако пандемијата со Ковид-19 зема замав и во Македонија.

Театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински” во Прилеп кој требаше да се одржи во средината на јуни, традиционално по 55 пат, беше одложен, а неофицијално, презакажан за месец септември. Фестивалот на скарата и пивото “Пивофест” кој требаше да го прослави својот 18-ти роденден, за жал, нема да се оддржи годинава.

Културната манифестација “Скопско лето” која 40 години традиционално се одржува на 21 јуни, оваа година започна на 6 јули, под посебни протоколи за организација на јавни настани донесени од Владата.

Најголемиот настан во Малешевијата “Фестивал на дувачки оркестри” кој се одржува во Пехчево, е откажан и нема да се одржи оваа година.

47-та “Галичка свадба”, која традиционално започнуваше на 12-ти јули, се одложи. Од Месната заедница Галичник информираа дека будно ја следат состојбата и се надеваат дека оваа манифестација ќе се одржи наскоро. Доколку дозволат условите, можно е да се закаже на 28 август.

60-то јубилејно издание на “Охридско лето”, ќе започне на 4 август. Програмата ќе оди во живо, со почитување на протоколите од Комисијата за заразни болести. Струшки вечери на поезијата оваа година беа дел од виртуелната поетска иницијатива во организација, која се одржа преку видео обраќања. Со месеци, во Македонија не е одржан ниту еден концерт на домашни или странски музичари, а откажан е и големиот фестивал на отворено “Охрид Kолинг”.

Повеќе на Музика24...