“Чукни во дрво” им стана химна на луѓето во изолација

Скоро два месеца нашата земја го живее карантинскиот живот, сите манифестации се замрзнати, културните објекти се под клуч, концерти и промоции нема. За среќа, тука се интернетот и социјалните мрежи, каде што, сепак, луѓето можат да си ја отворат душата, да испратат порака со некоја песна и во виртуелен контакт со другите да почувствуваат дека не се сами. Музиката, според многумина, е најдобриот лек во вакви ситуации. А бидејќи секој тргнува најпрво од дома, од добро познатите рефрени често се постираат песни на домашни автори и изведувачи, кои обележале нечија младост, поврзани се со многу спомени, испратиле убави пораки и го поттикнале позитивниот дух кај луѓето.
И македонските радија, раководени од целата оваа атмосфера, со својата понуда се трудат да бидат во чекор со случувањата и емитуваат песни што се ведри, поттикнуваат убави чувства и емоции, смируваат и не потсетуваат на некои убави времиња.

Прашавме наши познати музички новинари и радиоуредници кој би бил нивниот избор на песни што се најсоодветни за периодот во кој живееме, а се од домашно производство. Интересно, колку и да беа различни нивните наслови, сите на прво место ставија една иста песна, која деновиве како да стана химна на животот во изолација. Тоа е “Чукни во дрво” на групата “Леб и сол”, за која текстот и музиката ги напиша Влатко Стефановски.

Песната се најде на последниот студиски проект на “Леб и сол”, на албумот “Путујемо”, издаден во 1989 година, кога групата беше во својот оригинален состав: Влатко, Бодан, Гаро и Кокан. На плочата “Путујемо” се и хитовите: “Исток-запад”, “Трач”, насловната “Путујемо” (придружни вокали), Кире Костов (флугелхорн) и Зоран Јовановиќ-Лима (саксофон и кларинет).

Овој голем хит, што го потпишува Стефановски, кој, еве, денес е поактуелен и послушан од кога било, како и други песни со негов потпис, е дел од неговата интимна приказна, која допира до илјадници луѓе.

“Јас постојано давам се од себе, работам, а најважно од се е дека публиката реагира, враќа и значи ништо не е залудно. Пеам за тоа што ме измачува, за тоа што ме интересира, за мојот живот и за она што го гледам околу мене. Тајната на широката слушаност, најверојатно, е во искреноста и во подготвеноста да се чепне подлабоко во сопствената душа”, вели Стефановски за причините поради кои некои негови песни, а особено “Чукни во дрво”, го најдоа патот до срцата на слушателите.

А луѓето, кои со првиот ден на пролетта масовно ја постираа “Чукни во дрво”, на своите профили на Фејсбук и на другите социјални мрежи, со коментар “надвор е пролет и живи сме”, како најсоодветна за сето она што ни се случува периодов, велат дека ги привлекува едноставноста, а во исто време големата искреност со која во песната се апострофираат најголемите животни вредности, дека и покрај се ние сме живи, заедно сме и се сакаме. Или како што вели Стефановски: “На Бога камења не сме фрлале/Од други повеќе не сме грешеле, Со една надеж за трошка љубов/За малку среќа, живееме…”.

Но освен “Чукни во дрво”, има и многу други македонски песни со силна порака, кои ги издвоија нашите соговорници. Биљана Николовска, уредничка на редакцијата за популарна музика на Македонското радио, се определи за следниве наслови: “Чукни во дрво” – “Леб и сол”, “Светлина” – Клержо”, “Жива станица” – Љупчо Стојановски, “Скитник” – Јаков Дренковски, “Девица” – “Макакус”, “Старо купувам” – “Бон тон”.
Нејзината колешка од истата медиумска куќа, МРТ, Александра Јовановска, уредничка и водителка на телевизиската музичката емисија “Стисни плеј”, која со години ја промовира македонската забавна музика, се одлучи за следниве песни: “Чукни во дрво” – “Леб и Сол”, “Оган под ѕвездите” – “Меморија”, “Обои ме” – Калиопи, “Анастасиа” – “Time never dies” и Тамара Тодевска “Proud”.

Ранко Петровиќ, првиот човек на популарното Радио Бубамара од Скопје, го направи следниот избор: “Чукни во дрво” – “Леб и сол”, “Само дома си е дома” – Владо Јаневски, “Да си жив и здрав” – Игор Џамбазов, “Секогаш по дождот доаѓа сонце” – Тоше Проески, “Скитник” – Јаков Дренковски, “Не се давај Скопје, старо момче мое” – Зафир Хаџиманов и “Ја излези Ѓурѓо” – “Некст тајм”.
Иван Бечковиќ, уредник и водител на емисијата “Нова плоча” на радиомрежата Метрополис и претставник на “Кроација рекордс” во нашата земја, се одлучи за следниве наслови: “Чукни во дрво” – “Леб и сол”, “Нешто убаво” – Ребека, “Добро утро добри луѓе” – Александар Белов, “Засекогаш” – Ѓорѓи Крстевски, “Што е мое ќе си дојде” – Дарио, “Љубов” – Бени Шакири, “Подај ми рака” – Кристина Арнаудова, “Денес” – Кристијан Габроски, “Фреквенции на љубовта” – “Ареа” и “Верувам во себе” – Мијата.

Автор на текстот: Марија Таушанска/Нова Македонија

Повеќе на Музика24...