Дали “Крај” на Андријана Кеш е почеток на регулирањето на авторските права (Фото+Видео)

Често во Македонија се случува одредена музичка група, познат пејач или пејачка да издаде нова песна, а всушност да станува збор за препев на веќе позната песна за која најчесто не се регулирани авторските права, односно, позајмувањето на песната не е договорено со авторите.
Неодамна истражувајќи на оваа тема споредивме две песни, од кои што едната е познат светски хит со милионски прегледи, а другата новоснимена и промовирана во нашата држава пред само неколку месеци.

Дали за песната “Крај” од познатата македонска фолк пејачка Андријана Ацевска која публиката ја препознава како Андријана Кеш се регулирани авторските права со оглед на тоа што мелодијата е земена од познатиот светски хит “Childhood”?!
Бидејќи наша тема се токму авторските права на песните кои нашите пејачи ги позајмуваат, одлучивме и лично да ја контактираме пејачката и нејзините соработници на оваа песна.

Дел од нејзиниот тим е и познатиот македонски композитор и продуцент Дејан Момировски кој е потпишан како аранжер на оваа песна и истата е снимена во неговото судио “XL Studio Momiroski” кое се наоѓа во Скопје. На нашето прашање околу регулацијата на авторските права за песната “Крај”, Момировски ја даде следната изјава:

“Јас колку што знам мислам дека она има авторска согласност, пошто таа можност преку ЗАМП може да се добие и преку e-mail, значи како документ печатен со потпис и печат. Јас затоа и тргнав да работам. Колку што ја знам приказната и од она што го имам видено, знам дека има согласност од авторот… Незнам од каде се точно авторите, мислам дека се од некоја бивша руска територија не паметам, но таа песна не е моја авторска песна. Јас сум автор во Македонија и мене ми е во интерес да продавам македонски производ. Аман веќе од преработки и од такви работи. Видете, во последно време се повеќе на електронските медиуми YouTube, Facebook, Instagram, се гледаат песните и веројатно и самите автори им реагираат и се поисплашени некако и гледам дека ги регулираат работите. И јас сум исто дел од тимот, а дефинитивно околу приказната за авторските права треба самата Андријана да си каже затоа што таа е носител на песната, таа ја донесе песната кај мене, а исто така ја има однесено и кај Борче Рафинерија, затоа што тој е потпишан во авторскиот дел на текстот.
Јас сум член на ЗАМП и знам дека кога еден ден и ние ќе влеземе во Европска Унија како нејзина членка ќе имаме право да бидеме дел од европскиот ЗАМП, каде секоја членка има право се што ќе види дека е препеано без регулирање на законските обврски да тужи. Србија пред 3-4 години доби тужба од Грција од околу 2 милиони евра. Јас сум за тоа пејачите да си нарачуваат песни од македонски автори или веќе ако препејуваат да се јават до авторите да се регулираат правата како што треба. Што се однесува до песната “Крај” од Андријана, мислам дека нејзината верзија нема голема врска со оргиналот. Можеби затоа не се наведени авторите затоа што не е авторска 100 посто таква како што е оргиналот. Јас ја слушнав оргиналната верзија, тие покасно ми ја донесоа и бидејќи сакаа да биде баладична сфатив дека ќе биде различна затоа што оргиналот е хип-хоп верзија. И кога го правев тој дел како аранжман програмирањето сосема поинаку се направи и затоа не е иста, но мелодиски е таа песна. Колку што знам Андријана и мене ми нагласи дека има авторски права за оваа песна и дека работите ги регулирала преку музичар албанец кој бил пријател со авторите и обезбедил преку e-mail согласност. Тоа е она што јас го знам”, детално ни образложи Дејан Момировски кој долги години соработува со пејачката.

На истото наше прашање пак, Борче Димитров – Рафинерија, кој што исто така е дел од тимот соработници на Андријана Кеш и кој со неа ја сними и дуетската песна “Пали Гаси”, ни даде ваква изјава:

“По нејзина иницијатива и желба направивме препев-преработка, исто како што прават многу балкански и светски ѕвезди на веќе познати песни, евергрини, американски, дури и од 90-те дури и многу постари. Тоа не може да се скрие, оваа песна беше на балканско ниво доста популарна, гледам се споделуваше нема што да се крие или лаже. Свесни сме дека е преработка и ние тоа го наведовме. Дали Андријана ги исконтактирала или не, тоа веќе понатака е нејзина работа. Ние се оградуваме од таа работа, така да незнам што друго да ви кажам. Би требало да добие дозвола од авторите за преработката, јас тоа и го нагласив дека е пожелно да се побара, да се добие дозвола. Од една страна песната е направена како кавер верзија, и токму затоа ја посоветував да наведе под видео спотот која е оргиналната песна иако авторите не се наведени. Велам барем јас да се оградам од таа ситуација. Авторите најмногу се лутат ако се земе нечие авторско дело и долу при објава се занемарат авторите, а најмногу ако се напише друг автор на музика, друг автор на текст, на аранжман… Тоа е веќе кражба на авторско дело”, изјави за Музика24 Борче Димитров – Рафинерија .

Можете да забележите дека двајцата соработници имаат различни изјави на споменатата тема. Во меѓувреме испративме официјален допис и до авторите на оргиналанта песна и продуценската куќа која стои зад истата, а исто така ја испочитувавме и Андријана Кеш за одговор како главен актер на оваа приказна, односно како вокалист кој одлучил да ја препее.

Првиот пат Андријана преку порака ни одговори дека песната е од Азербеџан и дека и се регулирани авторските права, меѓутоа после добивањето на различните изјави од нејзините соработници ние повторно ја контактиравме каде најљубезно ја прашавме на кој начин ги има регулирано авторските права на оваа песна, односно, дали има документ или било каква потврда која докажува дека професионално постапила спрема авторите?! Овој пат таа видно изнервирана и со доза на ароганција дрско ни одговори:

“Уште во првиот контакт со вас бев јасна дека се е регулирано… Немам веќе што да разговарам на таа тема. Поздрав”, изнервирано дофрли пејачката.

Некогаш за некои прашања за кои нема релевантни докази самото однесуванње на одредени личности многу повеќе зборува отколку нивното усмено тврдење. Во случајов нервозата кај Андријана Кеш ни потврдува дека оваа тема како за неа, така и за многу нејзини колеги е неприфатлива за разговор со новинарите. Очигледно дека нашите ѕвезди, новинарите ги доживуваат како луѓе кои треба да ги промовираат во ѕвездени величини, а не како професионалци кои во својата област истражуваат на теми кои не им одат во прилог. И тие треба да се свесни дека нивните кариери во многу нешта зависат од новинарите и нивната поддршка, па добро е за почеток да научат дека ни должат одговори за тоа што го работат.

Темата ја отворивме… Го чекаме одговорот и од авторите па повторно ќе пишуваме на оваа тема и не само за оваа песна. Сигурни сме дека вакви примери има многу кај нас, и допрва ќе имаме материјал за споменатата дилема, а естрадните личности, музичари, пејачи, треба да сфатат дека се должни да ги даваат одговорите на овие прашања, затоа што легалната работа и професионалноста ги обврзуваат на истото.

Rauf & Faik – “Childhood” (оргиналната песна)

Андријана Кеш – “Крај” (препев на македонски јазик на оргиналната песна)

Текстот го подготви: Иван Јосимовски, Андреа Андреевиќ и Влад Петров

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.