Композиторот Љубомир Бранѓолица е автор на македонската порака за годинашното одбележување на Меѓународниот ден на операта – 25-ти октомври. Маестро Бранѓолица е избран од бордот на Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт (ИТИ).
„Денес сме поплавени со забавна музика – брз лек за засенување на секојдневните грижи. Наспроти козметичкиот карактер на овие звуци, натежнати од теретот на комерцијалност, стои наследството на операта. Да не заборавиме дека е значајна; културниот момент на овој медиум кој нè воздига и нè упатува на традицијата на звукот и содржината, е всушност наследство кое ни е насушна потреба. Генијални композитори од различни стилски и историски епохи ги истуриле врз светот своите музичко-драмски дела за сите генерации да ги жнеат“, вели Бранѓолица.
Македонскиот центар на ИТИ наведува дека операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата, инспирација на најголемите композитори на сите времиња, да ги спојат највозвишените уметнички изрази во еден комплексен ентитет и пред вечната публика, преку чудесниот јазик на музиката и моќта на зборот.
„Изведбените уметности се соочуваат со повеќе, досега невидени, предизвици; театрите се затворени, аудиториумите празни, а сцените тивки. Во време кога вообичаено оперските куќи и публиката возбудено го исчекуваат отворањето на новата сезона, ние ја имаме само оваа порака. Но, делата на уметноста носат вистина, а нејзината вредност е света и колку и да ја криеме од очите на светот, и на најмалата светлина што и е упатена, таа дава огромен одблесок; нејзините дарови се неприкосновени и вечни, а ние без нив, вечно жедни“, посочува Македонскиот центар на ИТИ во пресрет на Меѓународниот ден на Операта.