Концерт и нова песна за јубилејот 20 години на музичката сцена на групата “Камелеон”

Со концерт што ќе се одржи на 29 декември во 19 часот во Центарот за култура “Григор Прличев” во Охрид, познатиот охридски бенд “Камелеон” ќе одбележи 20 години на сцена.

“Ова е наш прв концерт, за жал, но се надевам нема да биде последен. Концертот се подготвува неколку месеци. Активно работиме, се подготвуваат песните кои ќе бидат со нови аранжмани”, истакна Драган Василески-Пајче, вокал на “Камелеон” на прес конференцијата што се одржа денеска во хотелот “Су” во Охрид.

“Гости на концертот ќе бидат Горан Папаз, Ѓоко Танески, градски мешан хор “Лихнидос”, студентски квартет, и познатиот виолинист Џевад Рамадоноски. Во составот заедно со “Камелеон” ќе бидат уште и Жармена и Димче Контрозоски, Никола Тони, како и пратечките вокали Ана Костадиновска и Сара Николовска. Ќе дадеме максимум како и при секој наш настап изминатите две децении и ветуваме одлична забава. Исто така се подготвува и нова песна, доколку успееме да ја завршиме ќе биде изведена на концертот, доколку не веднаш потоа, значи 2019 ќе ја почнеме со нова песна”, додаде Василески.

Гитаристот и автор на повеќе песни на групата “Камелеон” Роберт Милески се осврна на дведецениската работа на групата, исполнета со бројни настапи и квалитетни песни кои се вртат ден денес на радио станиците кај нас.

“Нема тајна како успеавме да опстоиме дваесет години на сцената. Тое е пред се благодарение на публиката која ги прифати нашите песни, исто така нашето другарство, пријателство и почитување. 20 години ние сме како фамилија, секако тука е и желбата за свирење и создавање музика”, рече Милески. Концерот на “Камелеон” ќе се одржи во рамки на манифестацијата “Од 20 до 20 сите во Охрид” што ја организира Општина Охрид која го поддржува и овој настан.

Билетите за концерот по цена од 250 денари во продажба ќе бидат пуштат деновиве во маркети “Тамаро”, тезга “Аждер” и “Зи Зи Топ”.

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.