Музика на кирилица

“Мајко земјо не плачи” нов успешен проект на македонското Трио “Кладенец” (Видео)

Вчера во Музејот на македонската борба македонското трио “Кладенец” пред своите најблиски соработници, пријатели, поддржувачи, фанови и новинари го промовираше најновиот видео спот за вторта по ред песна насловена “Мајко земјо не плачи”. Музичкиот портал како прв специјализиран во својата област и поддржувач на македонската музика со своја екипа беше дел од промоцијата на која што верувајте имаше и емотивни моменти, а и солзи за време на прикажувањето на видео спотот.

Нашата екипа ја искористи промоцијата да поразговара со дел од членовите на Трио “Кладенец” и да дознае нешто повеќе за нив, нивното основање, работа и она што тие го планираат во идниот период.

Музика24: Пред се кажете ни од каде инспирацијата, мотивацијата и желбата за создавање на Трио “Кладенец”?

Трио “Кладенец”: Трио “Кладенец” работи веќе од 2013-та година активно во овој поглед на творење на музиката. Работевме во почетокот во едно Културно уметничко друштво во кое што ги негувавме изворните македонски песни и традиција најнапред од Долни Полог, а потоа и од територијата на цела Република Македонија. Минатата година во мај основавме име, од 10 предлози одлучивме да се викаме Кладенец од каде што потоа веднаш се организиравме и стартувавме со работа и организација во однос на творење на нова компонирана музика во истиот тој стил кој што го негувавме и изминатиот период. Направивме песна “Да си вечна земјо моја” со која што се претставивме на “Лешочки Фолк Фест”, од каде што после настапот на овој познат музички фестивал снимивме и видео спот и го промовиравме во Лешок, каде и беше промоцијата. Веднаш потоа песната зеде голем замав, луѓе доста ја ценат, слушаат… нема збор со кој што може да се опише задоволството наше и во таа чест сите заедно решивме да подготвиме и снимиме нова македонска песна од Триото “Кладенец” како благодарност на сета таа поддршка што ни ја пружија и што ни ја дадоа во првата песна и првиот проект.

Музика24: При самото стартување со Вашето Трио споменавте дека сте имале 10-на предлози за новото официјално име. Кажете ни зошто токму Кладенец? Кое е значењето, симболиката?

Трио “Кладенец”: Нашето име е Трио “Кладенец” а во моментов сме четворица. Прашањето на сите е зошто трио, а Вие сте четворица? Кога се случуваше да се одбере името трио одлучивме да се викаме затоа што бевме токму тројца кои што гласавме за името, веќе споменав имавме многу предлози, но по предлог на Трпковски Бобан (еден од членовите на триото) одлучивме да се викаме Кладенец, затоа што самиот збор значи извор и затоа одлучивме да се викаме Кладенец, затоа што сметаме дека сме извор на некоја нова ера на некој нов почеток на некоја нова мелодија која што потекнува од дното на нашите корени.

Музика24: Негувате традиционални македонски народни изворни песни. Дали сметате дека доста песни, стари македонски изворни, не се доволно обработени, односно не се доволно презентирани пред јавноста?

Трио “Кладенец”: Па да, има доста голем број на песни кои што во мометов ги нема речиси никој слушнато, а за тоа виновни сме самите ние. Апелирам до сите, бидејки доколку има повеќе музичари или изведувачи како што е Трио “Кладенец” традиционалната македонска народна музика ќе земе голем замав, видовме дека тоа сите го сакаат. Новокомпонирана македонска песна во нов стил, модерен стил, во денешно време но со традиционалната генеза зачувани во самата песна. И навистина одлично би било да има повеќе вакви групи што ќе творат нови песни, но со таа генеза. Има преработки на песни од минатото, но сметам дека тоа се малку необработени доволно добро, и необработено со чувство од дното на душата. Ако тоа е направено само колку да се добие на слава, тоа е грешка. Ние направивме нешто што го чувствувавме во самите себе и најмалку сакавме да земе толку замав песната, но ете тоа се случи, така да знаеме сега што работиме и што правиме.

Музика24: Ние како музички портал дознавме дека после промоцијата на првата песна и видео спот сте добиле голем број на понуди за настап и турнеи во Австралија, Канада… и голем број на други земји. Како ќе го искоментирате сето ова?

Трио “Кладенец”: Да, вистина е. Во моментов имаме две понуди од кои едната е за Австралија. Периодов се трудиме да испадне се како што треба околу договорите и сите тие процедури, но пред и се нека помина оваа промоција на новата песна и видео спот. Знам дека оваа песна ќе земе уште поголем замав затоа што знам со каква љубов и каква посветеност е правена истата и… ќе видите и ќе се уверите после промоцијата.

Музика24: Која е екипата со која што ја работевте оваа втора песна и видео спот?

Трио “Кладенец”: Трио “Кладенец” се изведувачи во кој состав влегуваат и воедно ја исполнуваат песната Сашо Костадиновски, Бобан Трпковски и Мирослав Симеоновски. Иван Божиновски е четвртиот член на Триото “Кладенец” (кој е воедно е и најмал во триото) кој што во оваа песна односно видео спот е претставен како артист најмлад комита. Во видеото се појавуваат тројца комити, арамии, мајка…всушност видеото е правено и режирано според самата песна и е премногу емотивно. Истото го реализираше Ред Централ Продукција од кои што сме презадоволни. Во еден пост неодамна имам напишано: “Понесете си марамчиња, немојте да речете дека не сме ви кажале”. Знаеме дека ќе има емотивни моменти на самата промоција и ќе ги видиме очекувањата. Инаку, автор на музиката и аранжманот е познатиот Јован Василевски, текстот е на Сашо Костадиновски. Традиционалните инструменти ги свират Горанчо Ангелов – Гајда, Артисти група Сербез од Битола, како комити во видео спотот се појавуваат Благојче Киров Анчов, Новица Ѓоргиев, Иван Божиновски (кој веќе го споменавме) и најмалиот комита Лука Георгиев, додека како арамии во спотот се појавуваат Суад Фазли и Зоран Стојчески.

Музика24: После промоцијата, што планирате? Што е она што можеме да гоп очекуваме од Вас?

Трио “Кладенец” Веќе сме во подготовки на нова песна со која што ќе се претставиме на претстојниот музички фестивал “Лешочки Фолк Фест 2019”. И после промовирање на песната на Лешочкиот фестивал, веднаш стартуваме со снимање на видео спот за истата таа песна. Во исти жарн, со иста музика, во иста конотација, не би го менувале стилот на изведување и на творење.

Музика24: Што би им порачале, посакале на сите оние обожаватели, сите оние кои ја негуваат македонската традиционлна музика, сакаат македонска музикада слушаат?

Трио “Кладенец”: Видете, ова е нешто што се прави од душа, со љубов и верувам дека луѓето кои го превземаат сето тоа со љубов и грижа и апелирам до сите оние кои што се во можност да прават такви групи или едноставно да ја негуваат изворната македонска музика, мислам дека ќе има многу големи облежја, ќе ми биде многу поисполнета душата.

Како промотер на триото се појави познатата тв водителка Ирена Спировска која детално и опширно ги престави Трио “Кладенец” пред присутната публика. За време на самата промоција учесниците на триото како благодарност за свое учество во реализација на аудио и видео продукција им додели благодарници на сите оние кои што се дел од овој голем проект.

До очекување на новата песна и видео спот од Трио “Кладенец”, во продолжение погледнете го она што пред само ден-два беше промовирано и презентирано пред македонската публика. Уживајте!

Можеби ќе ве интересира: