Музичарите и свадбарите протестираа во Битола барајќи укинување на забраната за свадбени прослави

После протесниот собир на музичарите во Штип кои добија поддршка од колегите од Струмица, Радовиш и Берово, денеска се протестираше и во Битола каде на прочуениот Широк сокак се обратија со здружени сили музичарите од Битола, но и “свадбарските работници” како се нарекоа професионалците чии дејности се тесно поврзани со организациите на свадби, а во таа група освен музичарите спаѓаат и снимателите, фотографите, кетеринг доставувачите, келнерите, куварите, слаткарите, златарите, цвеќарите, аранжерите, декоратерите, креаторите, шминкерите, и други услужни лица кои изминатите месеци се целосно пасивизирани и егзистенционално загрозени.

Здравствената криза во Македонија особено ги погоди овие дејности заедно со угостителството кое последниот месец веќе почна да функционира според специјални протоколи кои ги определи Комисијата за заразни болести, па така и присутните на овој собир побараа од истата комисија да ги разгледа нивните барања и да им овозможи протокол за организирање на свадбени настани во кои спаѓаат и сунети, поголеми веридби, прослави на матури, крштевки и слично. Покрај протестот, оваа група достави и официјална писмена реакција до Секретаријатот на Владата на Република Македонија, Министерството за здравство и до Комисијата за заразни болести од кои побараа да се одреди точен датум на кој ќе се укине забраната за одржување на организирани фамилијарни веселби на отворен и затворен простор и одредување на протоколите според кои ќе може во иднина да се одржуваат ваквите свечености. Воедно, со писмено обраќање понудија и предлог мерки кои ги образложија по следниот распоред:

-Итно тестирање на свадбените работници кои се присутни на самата свеченост (музичари, фотостудио, ресторански работници-келнери и кувари),

-Околу распоредот на маси за гости сме на мислење дека сите припаѓаат на таканаречениот ист кластер (исти семејства, другари кои се во постојан контакт и колеги) поради што сметаме дека не треба да има ограничувања,

-На секоја маса да има средство за дезинфекција, така што секое лице кое би станало да игра оро прво само свесно ќе ги дезинфицира своите раце.

Како против теза го понудија аргументот дека во изминатиот период сите се сведоци на организирање на веселби во домашни амбиенти, во викендици каде се собираат голем број на луѓе во мал простор и каде што дистанцата, хигиенските услови, дезинфицирањето на просторот, подоготвувањето и служењето на храната и пијалоците е далеку под основните стандарди на хигиена која со ХАСАП системот е предвидена за сите јавни угостителски објекти.

“Свадбарските работници” потврдија дека угостителските објекти се спремни да направат и дополнителни модификации на просторот и начинот за работа со што би се примениле одредбите од протоколот за свадби, со цел максимална заштита на сите учесници на свадбата. Според нивни проценки годишно во Македонија се прават над 15.000 свадби во кои се вклучени голем број на луѓе од наведените дејности, а исто така со оваа забрана се доведува во прашање и формирањето на младите брачни заедници како и нивната репродукција која дополнително ќе го стимулира падот на наталитетот што е присутен последните години.

Освен “свадбарските работници” и Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија ги очекува одлуките на Комисијата за заразни болести до која исто така доставиле писмено барање за отпочнување на организирани свечености и доставиле дополнителни предлози, но до сега немаат добиено повратен одговор.

Протестот во Битола го поддржа и Здружението на естрадни уметници на Македонија, а претседателот Благоја Грујовски и лично се појави на мирниот протест давајќи ја својата безрезервна поддршка.

Текстот го подготви: Билјана Крнческа/Свет Аустралија

Повеќе на Музика24...