Објавен е конкурс за уметнички директор на “Макфест“

Организаторот на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2020“, Општина Штип, објави конкурс за избор на уметнички директор.

Како што велат од Општина Штип се работи за редовна постапка и секоја година се објавува конкурс за избор на уметнички директор.

Покрај општите услови утврдени со закон, кандидатот треба да исполнува и  посебни услови –  да има соодветно високо образование – факултет/академија за музичка уметност- (ВИИ/1, да има над пет години работно искуство во дејноста за која конкурира и да има менаџерски способности.

Конкурсот трае десет дена од денот на објавувањето. Информации за условите и за потребните документи за конкурсот се објавени на веб-страницата на Мултимедијален центар „Киро Глигоров“-Штип и во дневниот печат.

Пријавите со Програмата и другата документација треба да се достават до Општина Штип, преку пошта на адреса: ул. „Васил Главинов” бр. 4 В – 2000 Штип или директно во Архивата на Општина Штип (со назнака: „За Макфест“) најдоцна до 15.30 часот од последниот ден од конкурсот.

Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ и годинава ќе се одржи на почетокот на октомври. Обезбедени се средства од Општина Штип а се чека и на средства од Министерство за култура.

Повеќе на Музика24...