Пејачот Пеце Петровски нападнат од нож од својот сосед поради гласна музика (Фото)

Младиот и талентиран пејач од Битола Пеце Петровски, кој е познат по својата ведра природа и желбата секогаш да помогне, во саботата вечер беше нападнат од страна на неговиот сосед кој живее во соседната зграда поради музиката што во живо се слушала од домот на Петровски. Имено, со претходна најава Пеце обзнани дека преку музиката која е негов начин на израз сака да оддржи концерт во живо на Фејсбук како би упатил јавна поддршка на семејството Николовски Ристановски кои се соочуваат со мобинг од соседите.

Ова семејство кое има аусистично синче Лука веќе извесен период се соочува со психичка тортура од својот сосед кој агресивно секојдневно ги тормози и дополнително ја загрозува состојбата на Лука. Сакајќи овој случај да добие на гласност во јавноста, а истовремено да им ги отргне мислите од проблемите, Пеце одлучува да направи концерт како поддршка за Лука и неговата различност и со тоа да ја потикне јавноста да се заинтересира за Лука и неговото семејство како би извршила притисок и врз институциите кои засега немаат слух за да го решат овој случај.

Но за жал неговата добра намера со благородна цел завршува несреќно, а Пеце се здобива со посекотина од нож на рамото од агресивниот сосед кој за време на полициски час доаѓа пред неговиот дом и со фрлање на камења се обидува да го прекине музицирањето на пејачот.

“Знам како е кога луѓето се обременети со проблеми и сакав само да го поддржам семејството на Лука, а него да го расположам со музика, па одлучив од својот дом да направам мини концерт кој заради вклучувањето во живо не беше ни премногу гласен. Додека музициравме се чу тресок од камења по прозорците и тогаш сфативме дека нешто непријатно се случува. Го здогледав соседот Бојан кој силно замавнувајќи со камења почна да ми вика дека од музиката не можел да спие и дека треба да излезам надвор да се пресметаме. Се исклучив од преносот во живо на ФБ и решив да излезам да му објаснам на мирен начин за што се работи. Наместо да ме сослуша тој постојано ме навредуваше и на крај неочекувано подмолно замавна со ножот и ме расече на раката. Јас скоро и да не бев свесен што се случи, но затоа истрча мајка ми која застана помеѓу нас и како жив штит ме бранеше од повторното негово замавнување со ножот. Животите ни ги спаси мојот колега музичар кој успеа да го собори на земјата и да му го отргне ножот. Кога повторно стана заминувајќи накај дома само дофрли имаш среќа што не ти дојдов со сатарот, а јас отидов во Брза помош каде раната ми беше санирана. Во меѓувреме другар ми пријави во полиција, беше направен записник, беа земени изјави од сите сведоци и случајот најбрзо треба да се процесуира преку судот”, ни изјави Пеце кој и јавно ја сподели својата немила случка преку друштвените мрежи заблагодарувајќи се на Господ за спасението.

Инаку Пеце Петровски е познат по музиката во својот град Битола и важи за надежен пејач. Досега има учествувано на фестивали, но и на хуманитарни концерти и познат е по својот алтруизам и желба секогаш да помогне. Пред извесен период се повлече од музиката заради семејни причини, но наскоро се враќа со новите песни кои во меѓувреме ги подготвува и вели дека е најспремен од секогаш досега за естраден поход.

Автор на текстот: Билјана Крнческа/Свет Аустралиа

Повеќе на Музика24...