Музика на кирилица

Сите досегашни учества и пласмани на Изборот на песната на Евровизија

Нашиот прв обид за учество во натпреварот беше во 1996 година кога Калиопи победи на „Скопскиот фестивал“ со песната „Само ти“, која за жал не успеа да се квалификува за главната вечер. Во продолжение да се потсетиме како звучеше нашата несудена евровизиска песна за 1996 година.

Првото официјално учество на Македонија беше во 1998 година, кога „Евровизија“ се одржуваше во Бирмингем, Велика Британија, а нашиот претставник Владо Јаневски настапи под реден број 25 со песната „Не зори, зоро“. Од вкупно 25 земји кои се натпреваруваа таа година, Македонија заврши на 19. место со освоени 16 поени. Како изгледаше неговиот настап можете да се потсетите во продолжение

Според тогашните правила, по пауза од една година, во 2000 учествуваа 24 земји, а нашите претставнички беа девојките од групата „Икс-икс-ел“ (XXL) кои во Стокхолм, Шведска настапија под реден број 19 со песната „100% те љубам“. Со освоени 29 поени, Македонија заврши на 15. место.

Во 2002 година во Талин, Естонија на евровизиската сцена настапија претставници на 24 земји, а нашата претставничка Каролина Гочева со песната „Од нас зависи“ настапи под реден број 9. Со освоени 25 поени Македонија го освои 19. место со што не обезбеди пласман за следната година. Како изгледаше настапот на Каролина можете да видите во продолжение.

Следниот чекор на „Евровизија“ за Македонија го направи Тоше Проески. Во 2004 година во Истанбул, Турција, нашата легенда настапи во полуфиналната вечер под реден број 15 и со освоениот 71 поен успеа да се пласира на 10. место, со што обезбеди учество во финалната вечер. Повторно под реден број 15 настапи и во големото финале, а со освоени 47 поени ја донесе Македонија до 14. место.

По победата на Руслана и нејзините „Диви танци“, следната 2005 година „Евровизија“ се одржа во украинската престолнина Киев, а по „дуелот“ со Александра Пилева, за наш претставник беше избран Мартин Вучиќ. Песната „Make My Day“ беше изведена во полуфинална вечер под реден број 17, а со освоени 97 поени и 9. место, Македонија продолжи во финалето каде што се натпреваруваше со останатите 24 земји, а со 52 поени заврши на 17. место.

Најдобриот пласман за Македонија го забележа Елена Ристеска во 2006 година со песната „Нинанајна“. На евровизиската сцена во Атина, соседна Грција, Ристеска настапи во полуфиналната вечер под реден број 11, а со освоени 76 поени и 10. место успеа да се пласира во финале. Повторно под реден број 11 настапи и во финалната вечер и во конкуренција од 24 земји, „Нинанајна“ освои 56 поени и досега највисокото 12. место за Македонија.

Годината кога „Молитвата“ на Марија Шерифовиќ ја забележа првата и засега единствена победа за Србија, во 2007 година натпреварот се одржуваше во Хелсинки, Финска, а ние по вторпат ја испративме Каролина со песната „Мојот свет“. Во полуфиналната вечер Каролина настапи под реден број 18, а освоените 97 поени и 9. место го продолжија нејзиниот пат до финалето. Овој пат под реден број 6 и во конкуренција од 24 земји, „Мојот свет“ собра 73 поени и го освои 14. место.

Првите македонски претставници кои не успеаја да се пласираат во финале во 2008 година во Белград беа Тамара Тодевска, Раде Врчаковски Врчак и Адриан Гаџа, кои во втората полуфинална вечер настапија под реден број 18 изведувајќи ја песната „Let Me Love You“. Во конкуренција од 19 земји, Македонија успеа да освои 64 поени и 10. место, но за жал не беа доволни за пласман во финале. Како изгледаше нивниот настап можете да се потсетите во продолжение.

Во 2009 година, Македонија во рускиот главен град Москва ги испрати браќата од дуото „Некст тајм“, кои во првата полуфинална вечер под реден број 13 настапија со песната „Нешто што ќе остане“. Од 18-те земји кои настапуваа таа вечер, Македонија собра 45 поени и повторно заврши на 10. место и без пласман за финале.

55. издание на натпреварот во 2010 година се одржа во Осло, Норвешка, а во првата полуфинална вечер под реден број 15 настапи Ѓоко Танески, кој заедно со Били Ѕвер и Дамјан Пејчиноски ја изведе песната „Јас ја имам силата“. Оваа екипа за жал не обезбеди пласман во полуфинале за Македонија, со оглед на тоа што од 17 земји кои се натпреваруваа таа вечер, „Јас ја имам силата“ освои само 37 поени и 15. место.

Последна во оваа низа на неуспешни обиди за пласман во финале е „Русинката“ на Влатко Илиевски во 2011 година во Дизелдорф, Германија. Оваа песна беше изведена во втората полуфинална вечер под реден број 11, а во конкуренција од 19 земји Македонија освои само 36 поени и 16. место.

Во 2012 година во Баку, Азербејџан, нашата претставничка беше Калиопи која со песната„Црно и бело“ настапи во втората полуфинална вечер под реден број 2. Од 18-те земји во таа полуфинална вечер, Македонија се пласираше на 9. место со освоени 53 поени, а во големото финале под реден број 22, „Црно и бело“ освои 71 поен и во конкуренција од 26 земји заврши на 13. место.

Претставниците кои во 2013 година ги пративме во Малме, Шведска беа Влатко Лозаноски Лозано и Есма Реџепова. Тоа беше можеби еден од поконтроверзните национални избори за песна на Евровизија, со оглед на тоа што првичната песна „Империја“ предизвика незадоволство, особено на социјалните мрежи, па следниот избор беше песната „Пред да се раздени“. Есма и Лозано настапија во втората полуфинална вечер под реден број 3, но со освоени 28 поени и 16. место, за жал, не продолжија во финале.

Без пласман за финале остана и Тијана Дапчевиќ со својата „То The Sky“, која во придружба на сестра си Тамара, Димитар Андоновски и Пере (Нокаут) во Копенхаген, Данска, се натпреваруваше во рамките на втората полуфинална вечер под реден број 11, но со освоените 33 поени и 13. место, за неа натпреварот беше завршен.

Следниот неуспешен обид за пласман во финале во 2015 година го имаше Даниел Кајмакоски, чии „Лисја есенски не му донесоа доволно поени за да продолжи понатаму. Имено, Кајмакоски во Виена настапи во првата полуфинална вечер под реден број 8 и собра само 28 поени, со што се пласираше како претпоследен од вкупно 16 полуфиналисти.

Иако после настапот во 2012 година Калиопи собра огромен број евровизиски обожаватели, кои се израдуваа на веста дека пејачката се враќа на евровизиската сцена, нејзината „Дона“сепак не успеа да се кфалификува за финале. Калиопи во Стокхолм, во Шведска, настапи во втората полуфинална вечер под реден број 8, но со освоени 88 поени се пласираше на 11. место.

И покрај тоа што беше меѓу омилените песни на евровизиските обожаватели, хитот Dance Alonе“ на Јана Бурческа не успеа да стигне до финалето. Пејачката настапи во втората полуфинална вечер под реден број 3, но со освоени 69 поени стигна само до 15. место во конкуренција од 18 полуфиналисти. Ако е за утеха, оваа година Македонија влезе во евровизиската историја како земја чиј претставник е прв што добил понуда за брак за време на директниот пренос од фестивалот.

За фаворит важеше и песната „Lost And Found“ на „Ај кју“, кои боите на нашата земја во Лисабон ги бранеа во првата полуфинална вечер под реден број 11, но со освоените 24 поени и претпоследното 18. место, за жал, не успеаја да обезбедат пласман за финалето.

Proud“ — песна на македонската пејачка Тамара Тодевска. Таа ја изведе песната на натпреварот за песна на Евровизија 2019 во Тел Авив претставувајќи ја Македонија. Песната е компонирана од Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазар Цветкоски, а текстот е напишан од Коста Петров и Сања Поповска.Успешно се пласираше на 7. место во големото финале и покрај победата од жири гласањето со 305 поени. Во полуфиналето каде се натпреваруваше, Тамара го зазеде второто место, веднаш позади победничката Холандија, со 239 поени.

Подготви: Редакција Музика24

Музика24 – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Можеби ќе ве интересира: