Музика на кирилица

Васил со песната „Here I stand“ ќе не претставува на Евровизија 2021 (Фото)

„Here I stand е насловот на евровизиската песна со којашто македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-то издание на Евровизија во мај во Ротердам. Песната со видео запис ќе биде промовирана на почетокот на месец март. Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата ќе се погрижат Борче Кузмановски и Давор Јордановски.

„Во целиот хаос и бура од разочарувања минатата година, „Here I stand“ „се напиша” во еден здив, без притоа да помислам за каде и за кого ја пишувам песната. Веројатно тие се оние ретки моменти кога ќе се споите сами со себе и ќе оставите вашата емоција да ве понесе без да ја „осудите”, туку ја оставате да истече од вас во најискрената форма. Особено сум горд што ја имам можноста со автобиографска песна да ја претставам Македонија на Евросонг. Велат дека секој човек си носи барем една песна во себе, „Here I stand е мојата песна што едвај чекам да ја запеам на сцена. Им благодарам на сите кои ме поддржуваат и веруваат во мене“, вели Гарванлиев.

Песната ќе се снима во ренoмираното студио “Fames” во Скопје, со симфониски оркестар во живо, а придружните вокали ќе се снимаат во Чикако, од страна на поранешни членови на Детскиот Хор на Чикаго, каде и самиот Васил членуваше како дете.

„И годинава одлучивме да го употребиме јавниот повик, испраќајки отворена покана до домашните и авторите надвор од земјата да се вклучат во селекцијата на евровизиската песна, како еден од начините да добиеме што пошироко понуда на песни, бидејќи никогаш не знаете кој ја има „вистинската“ песна. Задоволни сме од одзивот на авторите и од квалитетот на преслушаните демо и финални снимки, а тим од музички уредници од Македонската Телевизија и од Македонското Радио се согласи дека „Here I stand, најмногу им прилега на вокалните способности и уметнички афинитети на Васил. Имајќи ја предвид големината на настанот, за одбраната песна се подготвува комплетен аудио-визуелен концепт, со кој се надевам дека сите ќе се гордееме“, вели шефот на македонската делагација, Мери Попова.

Македонскиот претставник Васил Гарванлиев веќе ја сними и евровизиската разгледница, годинава во виртуелно студио во МТВ. Со цел да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија креативни видео разгледници, во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.

Можеби ќе ве интересира: