„Ми заплакало селото Ваташа” е македонска песна оригинално напишана и изведена во 60-те години. Текстописец е Лазар Манчевски – Пинџур, кој инспирацијата ја добил од масакрот во Ваташа што се случил за време на Втората светска војна, кога на 16-ти јуни 1943 година биле застрелани 12 младинци од фаштистичката војска. Песната ја отпеале повеќе домашни интерпретатори, а оригиналот е изведен од Никола Бадев во 1975 година. Песната повторно стана актуелна по изведбата на Андријана Јаневска и Игор Џамбазов на последната Златна Бубамара на популарноста, а сега овој двоец во рамки на проектот „Македонијо во срце те носиме” и ја сними.
„Самата идеја за песната и спојот со Игор Џамбазов беше на Ранко Бубамара и сè започна од настапот на Златна Бубамара на популарноста. Потоа дојде предлогот да бидам дел од проектот „Македонијо во срце те носиме”. Со задоволство прифатив, бидејќи во моментов вакви проекти ѝ се повеќе од потребни на Македонија, во време кога царуваат туѓи песни на туѓи јазици. Им порачувам на младите да ја сакаат, почитуваат и слушаат македонската музика, особено изворната народна песна, бидејќи таа е нашиот идентитет”, вели Андријана.
Видеото за „Ми заплакало селото Ваташа”, за која овој пат аранжманот го направи Николче Мицевски, а во изведба на Андријана и Игор, е со потписот на Скендеровски продукција, која стои зад проектот „Македонијо во срце те носиме” и во чии рамки се препеани 12 македонски песни. Нумерите се изведени од 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика, а публиката уште треба да ги слушне и види ДНК и Зуица Лазова.
Уживајте во изведбата на Игор и Андријана и очекувајте го стартот на концертниот караван кој под истото име „Македонијо во срце те носиме” ќе гостува во неколку македонски градови – Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кој ни го оставиле генерациите пред нас.