Музика на кирилица

„Бело копче“ е првиот македонски трибјут бенд

Откако веќе не постојат или стануваат сѐ понедостижни да се видат собрани заедно во нивните оригинални состави, стана практика легендарните светски бендови, но и оние од некогашните југословенски простори да добиваат свои „реплики“ или „копии верни на оригиналот“.

Сите насловени како „трибјут“ (почит) кон: „Квин“, „Еј-си ди-си“, „Лед цепелин“, „Пинк флојд“, ЗЗ Топ, или некогаш „нашите“: „ЕКВ“, „Азра“, „Забрањено пушење“… и уште многу други легендарни бендови што се дел од светската и балканската рок-историја. Сеќавањето на нив го враќаат, освежувајќи ни ги емоциите, токму ваквите трибјут-бендови, кои не само што во тон ја симнале музиката на оние што, веројатно, биле и нивни идоли туку се трудат и физички што повеќе да личат на оригиналните членови на тие групи. И во изгледот со помош на шминка, перики, разни маски и во облекувањето, но секако и во однесувањето на сцената, „главните јунаци“ нѐ внесуваат во нивната рокенрол-приказна што тие ја „глумат“ на сцената.

Вакви бендови-посвети однадвор доаѓале во неколку наврати и во Македонија, најмногу во Скопје („Квин“, „Дејвид Боуви“, „Пинк флојд“, „ЕКВ“, „Азра“…), но вистински македонски трибјут-бенд на некоја група досега не сме имале. Многумина пееле и свиреле песни од овој и оној, но никој не направил група што исто ќе свири, ќе пее, ќе изгледа, ќе се облекува и ќе се однесува како некој од легендарните бендови, односно ќе биде нивна „верна копија“. Сѐ досега, или поточно до пред две години, кога идејата да се направи македонска верзија на најголемиот рокенрол-бенд во некогашна Југославија, легендарните „Бијело дугме“, ја преточија во стварност група наши музичари формирајќи го проектот „Бело копче“.
Поради ковид-пандемијата досега членовите на проектот не беа во можност веднаш да го покажат на виделина она што го подготвиле, но „копчето се откопча“ и време е да се покажат сиот музички и визуелен раскош, сета убавина на музиката со која растеа генерации, зашто „Бијело дугме“ несомнено беа и останаа балканските „Ролинг стонси“.

Токму затоа гитаристот Стевче Грозданов (како Горан Бреговиќ), пејачот Зоран Рудан-Цеки (како Жељко Бебек), басистот Горан Гешовски (како Зоран Реџиќ), тапанарот Сашо Стојановски (како Горан Ипе Ивандиќ), клавијатуристите Борислав Драганов-Боби (како Лаза Ристовски), Давор Јордановски и Мирослав Милковски (како Владо Правдиќ), како и придружните вокали Билјана Ѓошева и Боба Танева (како Амила Сулејмановиќ и Зумрета Миџиќ-Зу) станаа дел од македонскиот проект посветен на најголемата група на сите времиња на поранешните југословенски простори, насловен „Бело копче“ трибјут на „Бијело дугме“.

„Групата постои околу две години, но поради пандемијата немаше услови за јавен настап, па во тој период се обидовме да направиме седум спота со познати песни од „Бијело Дугме“: „Кад би био бијело дугме“, „Тако ти је мала моја кад љубиш Босанац“, „Да сам пекар“, „Сањао сам ночас да те немам“, „Лажеш злато, лажеш душо“, „Ружица си била“ и „Ево, заклет ќу се“, напишаа членовите на својата новоотворена страница на социјалната мрежа Фејсбук. претставувајќи ги проектот и биографијата на секој од членовите.

Неодамна беше претставен и првиот видеозапис за песната „Кад би био бијело дугме“, а наскоро ќе ги слушнеме и другите снимени песни и видеата за нив. Се надеваме дека набргу ќе можеме да присуствуваме на првиот перформанс во живо на „Бело копче“ трибјут на „Бијело дугме“.

Можеби ќе ве интересира: